Македонија

Министерството за здравство обезбеди систем за генотипизација и детекција на ХИВ

Министерството за здравство обезбеди систем за генотипизација и детекција на ХИВ

Министерството за здравство го доби вториот дел од грантот од глобалниот фонд за ХИВ-СИДА во вредност од  4 милиони евра.

Министерот информираше дека веќе биле доделени 6 милиони вера, а ова е втората фаза со останатите 4 милиони евра, кои треба да бидат инвестирани во периодот 2015-2016 година.

-Дел од овие средства се наменети за Министерството за здравство, а дел се наметни за граѓански здруженија кои се активни во оваа област. Има 16 здруженија меѓу кои: ХОБС, ХЕРА, Црвениот Крст други и Клиниката за инфективни болести, психијатриската болница како здравствени установи, рече министерот Никола Тодоров.

Со средствата се реализирани низа инвестиции со кои се придонесе а и во иднина ќе се придонесува за унапредувањето, грижата и третманот на ранливите категории како што се лицата со Хепатит Ц или лица со ХИВ-СИДА, како и раното дијагностицирање на истите.

-За таа цел со средства од најновиот грант од Глобалниот Фонд, Министерството за здравство набави систем за генотипизација и детекција на ХИВ, десеквенционер на ХИВ кој ќе биде сместен на Клиниката за инфективни болести и фибрилни состојби. Апаратот наскоро ќе биде инсталиран и ставен во функција, а неговата вредност изнесува 5 милиони и 300 илјади денари. Станува збор за врвна дијагностика во оваа област односно апарат кој овозможува прецизирање на генотипот на ХИВ, а со тоа и поставување на соодветна терапија што придонесува кон значително намалување на вкупните трошоци,истакна Тодоров.

Министерството за здравство обезбеди и фиброскен-апарат за повеќекратна контрола и прецизна и репродуктивна проценка на ткивото на Црниот дроб, кој исто така е сместен на клиниката за инфективни болести и фибрилни состојби и е во вредност од 50 000 евра.

-Дополнително за унапредување на третманот на Хепатит Ц со средства од Глобалниот Фонд, набавена е и терапија за ова заболување во износ од 18 милиони и 500 илјади денари, само за 2014 година, а во 2015-2016 ќе бидат наменети дополнителни 500.000 евра за обезбедување на потребната терапија, додаде Тодоров.

Во текот на оваа година се планира и набавка на лабораториска опрема во износ од  над 130.00 евра со цел зајакнување на капацитетите на дијагностика на овие заболувања.

-Годинава со средства донирани од Глобалниот фонд планирано е да се набави и специјално опремено теренско возило-комбе во износ од околу 30.000 евра, кое ќе послужи како мобилна амбуланта за теренско тестирање и советување за сексуално преносливи инфекции на кои популацијата е изложена на ризик, додаде тој.

Тодоров истакна дека ќе продолжат активностите во рамки на Националната кампања за подигнување на јавната свест за ХИВ-СИДА.