Министерството за здравство со препораки до здравствените установи

Во Министерството за здравство денеска се одржа состанок на Кризниот штаб за навремена реакција на здравствениот сектор во повеќе загрозени подрачја низ државата, како резултат на појавата на обилни врнежи.

Кризниот штаб будно ја следи состојбата во сите загрозени подрачја и е во постојан контакт со јавните здравствени установи. На  сите јавни здравствени установи кои се наоѓаат во овие подрачја им се дадени прецизни насоки и упатства за зголемена готовност и целосна подготвеност за реагирање при ургентни состојби.

Во секоја јавна здравствена установа од примарно и секундарно ниво се обезбедени дежурни тимови од доктори и медицински сестри. Дополнително, на тимовите рурални доктори им е дадена насока да бидат целосно подготвени да одговорат на здравствените потреби на жителите од руралните подрачја.

Министерството за здравство итно испрати укажување до јавните здравствени установи задолжително да пријават појава на било какво заразно заболување до Секторот за превентивна здравствена заштита при Министерството, како и да информираат за потребата од било каква терапија за евентуално заболени лица. Исто така, од сите јавни здравствени установи е побарано да достават податоци за сите пациенти кои моментално се наоѓаат во животозагрозувачка состојба.

Во реонот на Кичево и Македонски Брод каде што во моментот нема напојување со електрична енергија, и од тие причини не функционира телефонската линија на Итната медицинска помош, веднаш е овозможено пренасочување на телефонските повици кон други телефонски броеви од дежурната служба во установите, со цел навреме да се одговори на сите повици кон Итната медицинска помош.

Исто така, бројот 195 кој е координиран од Центарот за управување со кризи, може да се користи за пријавување на лица на кои им е потребна здравствена помош.

Министерството за здравство и Кризниот штаб при Министерството, како и сите надлежни институции, продолжуваат будно да ја следат состојбата, со цел да се овозможи навремена реакција и да се обезбеди потребната здравствена заштита.

Во продолжение се препораките од Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести за спречување од појава на заразни болести од поплавите

  1. Да се врши секојдневна контрола на исправноста на водата за пиење на териториите од поплавените подрачја од страна на регионалните центри за јавно здравје.
  2. Да се врши секојдневно повеќекратно информирање на населението преку локалните медиуми за исправноста на водата за пиење.
  3. Да се обезбедено здравствено исправна вода за пиење за наслението од поплавените подрачја каде е потребно.
  4. Се задолжуваат директорите на воспитно-образовните установи (училишта и градинки) да спроведат мерки и активности за засилено одржување на хигиената во училиштата во насока на повеќекратно чистење и дезинфекција на санитарните јазли и просториите.
  5. Да се информира населението за неопходноста од одржување на општите санитарно хигиенски мерки користење на безбедна исправна вода за пиење и приготвување на храната, миење на рацете,миење на овошјето и зеленчукот и одржување на хигиената во домовите .
  6. Да се информира населението при појава на здравствени проблеми (стомачни тегоби, покачена температура и слично) веднаш да побараат лекарска помош од својот матичен лекар.
  7. Единците на локалната самоуправа поплавените подрачја да спроведат  секојдневно миење на улиците под притисок по повлекување на водата од поплавените подрачја и навремена и правилна диспозиција на комуналниот отпад.
  8. Центрите за јавно здравје во соработка со единиците на локалната самоуправа да спроведат дезинфекција на површините од поплавените подрачја каде има излеано канализациона мрежа .
  9. Центрите за јавно здравје да ја следат состојбата со заразните заболувања, навремено да ги информираат сите релевантни институции и преземаат соодветни против-епидемиски мерки.