Министерството за здравство тврди дека инсулинот „без исклучок“ е со уреден рок на употреба

Министерството за здравство во петокот во писмено соопштение потенцира дека сите пациенти кои се на инсулинска терапија подигнуваат инсулинска терапија која се троши за индивидуални цели и за период од 28-30 дена, откако дел од македонските медиуми пушуваа за кусиот рок на употреба на инсулинската терапија.

„Одговорно тврдиме дека нема инсулин во Република Македонија кој е со краток рок. Апелираме и повикуваме, доколку пациентите кои се на инсулинска терапија имаат таков доказ дека им е издаден инсулин со краток рок, веднаш да реагираат во Министерство за здравство“, се истакнува во писмената реакција.

Според министерството, инсулинот кој е со рок на траење до 30.09.2018 година е потрошен во месец јули, а од 15.08.2018 година веќе бил обезбедени и се дистрибуираат инсулини „Новорапид“ со рок на траење повеќе од 12 месеци. Секој лот (серија), појаснуваат, на сите видови инсулин е регистриран со количина и рок на траење.

„Истовремено сакаме да потенцираме дека на 15.08.2018 год. Министерството за здравство ја отпочна постапката за јавна набавка на инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер и инсулински пумпи со потрошен материјал, за периодот септември 2018 – септември 2020 година“, се додава.

Претходно во петокот медиумите пишуваа дека актуелниот министер за здравство, Венко Филипче, води бизнис во здравството. Имено, Филипче е директор на невладината PHM-CEE регистрирана кон средината на 2015 година, а преку неа се правеле донации по неполна година од формирањето и тоа во вредност од околу 900.000 американски долари. Упатени велат дека постојат сомневања дека истото се прави и сега кога тој е министер, само сега на лекови со краток рок на важност.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.