Министрите на Македонија, Унгарија, Србија, Грција и Турција утре на состанок за „Турски поток“

Министрите за надворешни работи на Македонија, Унгарија, Србија, Грција и Турција утре на средба во Будимпешта ќе разгледуваат перспективи за учество во проектот „Турски поток“.

На средбата ќе бидат разменети мислења меѓу петте држави за тоа дали се подготвени да се реализира проектот за нов гасовод „Турски поток“, односно нова траса за снабдување на регионот со природен гас, како алтернатива на „Јужен поток“.

„Турски поток“ е проект на руски „Газпром“ за пренос на гас преку Црно Море до Турција и од таму до турско-грчката граница.

Русија во декември минатата година соопшти дека се откажува од проектот „Јужен поток“ поради „неконструктивна позиција на Европската унија“ и беше одлучено да се гради Турски поток.