Миноски: 22 милиона евра од Владата за фирмите преку данокот за добивка

Водење на добра бизнис клима, раст на економијата, странски и домашни инвестиции, намалување на невработеноста, ослободување од плаќање на данок за фирми кои ја реинвестираат добивката. Преку 22 милиони евра им биле ставени на располагање на фирмите минатата година само по основ на оваа даночна мерка. За сите овие теми говори министерот за финансии Кирил Миноски во интервју за „Курир“.

Оваа Влада е насочена кон водење на добра бизнис-клима, привлекување на странски инвестиции и намалување на невработеноста. Кој е клучот за успехот во вакво неповолно политичко опкружување?

-Владата во изминатиот временски период интензивно работи на неколку приоритети. Како што веќе споменавме, првиот приоритет претставува креирање на нови работни места, што е поврзано со поттикнувањето на инвестициите и тоа има рефлексија на подобрување на животниот стандард на населението. За да се искреира раст на приватниот сектор, неопходно е да постои квалитетно деловно опкружување. Владата во изминатите години покажа, а тоа е верификувано и преку низа извештаи од Светската банка дека е посветена на креирање на деловно опкружување кое ќе овозможи побрз раст на приватниот сектор. Во таа насока речиси секоја година превземаме низа мерки со цел унапредување на деловното опкружување, а основната цел на унапредување на деловното опкружување е создавање на подобри услови со кои ќе се поттикнат инвестициите, и тоа домашните и странските. Во делот на странските инвестиции имаме интензивна активност на нивно привлекување во државата, додека во делот на домашните инвестиции имаме низа мерки во даночната сфера, каде преку политиката на ниски даноци најголем дел од средствата остануваат во компаниите затоа што сметаме како Влада дека пазарот е еден од најефикасните механизми и дека приватниот сектор на најдобар начин знае каде да ги алоцира средствата. Во однос на нашиот приоритет за креирање на благосостојба, интензивно работиме преку низа мерки за поттикнување на развојот на приватниот сектор на менување на структурата на работните места. Најнапред во нашата стратегија како основна цел е креирање работни места кои ќе генерираат поголем број на вработувања, меѓутоа следниот приоритет претставува менување на структурата на работните места и привлекување на нови работни места кои се подобро платени и подразбираат пософистицирани вештини на работната сила.

Фирмите кои ја реинвестираат добивката се ослободени од плаќање на данок на добивка и токму поради тоа остваруваат големи заштеди. 22 милиони евра заштеда се остварени само за минатата година. Анализите покажуваат дека секоја година фирмите се повеќе се одлучуваат да ја реинвестираат својата добивка токму благодарение на оваа мерка. Бројот на даночни обврзници коишто ја реинвестирале добивката во 2015 година во однос на 2014 година се зголемил за 73,56%, износот на реинвестираната добивка во 2015 во однос на 2014 година се зголемил за 83,34%, а износот на остварената добивка кај овие даночни обврзници кои извршиле реинвестирање на остварената добивка, се зголемил за 60,80%. Ваквите заштеди им овозможуваат на фирмите, да ја реинвестираат својата добивка во нови инвестиции, да вработат нови луѓе, а со тоа придонесуваат и за поголем раст на економијата. Еве што вели Миноски за оваа мерка.

-Нашата ориентација како Влада е политиката на ниски даноци и политиката во која приватниот сектор ќе располага со најголем дел од средствата. Основната цел на даночните ослободувања на реинвестираната добивка е во суштина најголемиот дел од паричните средства кои ќе се инвестираат во нова технологија во опрема, да повторно се вратат во самите компании затоа што во приватниот сектор се создава нова вредност преку креирање на производи и услуги. Врз основа на податоците коишто ние ги имаме, покажано е дека речиси 22 милиони евра се вратени повторно во компаниите со помош на оваа мерка. Значи компаниите платиле помалку 22 милиони евра даноци. Со тоа се создале услови овие средства да ги инвестираат за унапредување на деловните процеси за воведување нови технологии, подобрување на вештините на нивните вработени, а сето тоа во крајна линија придонесува за креирање на нова вредност на ниво на компаниите. И повторно значи дополнителни приходи за државата преку поголемиот број на даноци коишто ги плаќаат квантитативно во државниот буџет.

Клучот за успехот е привлекување на странски директни инвестиции. Колку истите придонесуваат за растот на економијата?

-Странските инвестиции имаат позитивен импакт врз развојот на македонската економија од повеќе аспекти. Постоењето на таканаречените гринфилд инвестиции значи градење на фабрики кои претходно не постоеле и креирање на една нова структура во македонската економија. Типичен пример за тоа претставува автомобилската индустрија. На пример, доколку се следи структурата на извозот пред 10-тина години и денеска ќе видиме дека денеска учеството на високо-софистицирани производи кои пред се се однесуваат на делот на автомобилската индустрија е значително поголем од тоа што го имавме како ситуација пред 10-тина години кога во структурата на извозот главно доминираа таканаречените традиционални индустрии. Тоа значи дека странските инвестиции придонеле за менување на структурата на нашиот извоз со што се зголемува учеството на производите и услугите кои се со повисока додадена вредност. Влијанието на инвестициите е големо, секако, и во делот на отворање на нови работни места. Не само што се отвораат работни места туку и вработените имаат можност да стекнуваат вештини кои претходно ги немале и да дојдат во контакт со нова технологија која што се имплементира во највисоко развиените земји. Покрај овие инвестиции кои се фокусирани на изградба на фабрики, таканаречените гринфилд инвестиции, ние како Влада ги стимулираме и браунфилд инвестициите, односно инвестирањето во веќе постоечки капацитети каде што од страна на странските партнери се добива нова технологија меѓутоа многу е значајно и трансферот на „ноу-хауто“ пред се во делот на производство на производи и услуги кои не биле претходно присутни кај нас. Тоа се позитивните аспекти кои ги имаат странските инвестиции врз македонската економија. Затоа ние како Влада интензивно работиме на привлекување на странските инвестиции во државата.

Македонија во моментов има најниска стапка на невработеност. Вие како Влада се стремите да ја спуштите невработеноста до 22 проценти. Како се движиме на тој план?

-Главниот приоритет на политиките на оваа Влада е креирање на работни места, намалување на невработеноста. Доколку се следат историските податоци што се јавно достапни, ќе видиме дека на тој план е постигнато многу, направено е многу како резултат на отворање на нови работни места кај странските директни инвеститори, така и преку поттикнувањето на вработувањето со активните мерки на пазарот на трудот. Познати се активностите кои Владата ги превземаше како дел од кампањата  „Македонија вработува“ и „Македонија вработува2“. Основната цел на овие активни мерки е во суштина да се поттикне вработувањето на поодделни целни групи. Пред се кај оние категории на невработени лица кои се соочуваат со проблем на долгорочна невработеност, како и поттикнување на вработувањето кај младите лица. Во таа насока ние како Влада превземаме интензивни мерки и преку Министерството за финансии и преку МТСП и АВРМ, се со цел да се поттикне овој процес на вработување, да се стекнат невработените лица со соодветните вештини неопходни за извршување на новите работни задачи.