Миноски: СДСМ го промаши моделот на приватизација

Приватизацијата во транзицискиот период спроведена од страна на СДСМ, која остави над 200 илјади луѓе без работа и стави клуч на околу 700 фирми во земјава, беше темата околу која се кршеа копја помеѓу министерот за финансии Кирил Миноски и дополнителниот заменик- министер Кире Наумов, во синоќешната дебата на ТВ Нова.

Двајцата, кои за време на приватизацијата биле студенти, денеска имаат дијаметрално спротивни ставови за тоа како можела или требало да се изврши приватизацијата во тој период. Миноски е со став дека поради лошото менаџирање со приватизацијата и поради тоа што не се побарала надворешна помош, СДСМ оставила на улица толку многу луѓе, додека пак Наумов смета дека неговата партија морала да се однесува така како што се однесувала.

„Како СДСМ вие треба да ја кажете вистината, да се соочите со тоа црнопетно во вашата историја, дека искреиравте огромна невработеност дека системот беше несоодветен, дека приватизацијата беше неадекватна, и дека не ги донесе оние економски параметри кои ги очекувавте. И до ден денеска ние се справуваме со последиците од тој лош процес. Ако вклучевте во тој процес странци кои знаеја како функционира пазарот, ќе беше сосема поинаку, ќе имавме компании кои денеска ќе беа многу поголеми од оние кои ги имаме. Можеше да се избере чешки или некој друг модел кој ќе доведеше до развој на пазарите на капитал“, смета министерот Миноски.

Дополнителниот заменик министер, Наумов, пак вели дека тоа што се случило тогаш кога СДСМ била на власт и дека морала да се однесува така како што се однесувала, односно да премине од еден систем на друг во периодот на транзицијата, што значи и приватизација, нагласувајќи дека владејачката партија секогаш „се вади“ на приватизацијата. Наумов признава дека процесот на приватизација, можеби и бил погрешен и дека приватизацијата никогаш не може да биде правична.

Според Миноски, економска ефикасност не може да донесе некој што работел во управен социјализам, може да донесе некој што знае што значи пазарна економија.

„Моделот на приватизација е промашен-  тоа треба да се признае. И до ден денес ги имаме последиците, и затоа имаме лошо корпоративно управување во дел од компаниите. Дали мислите дека моделот беше правичен? Битна е оваа тема, бидејќи зборуваме за демократија. Дали имаше демократија во процесот на спроведување на приватизацијата. Дали имаше закани врз вработените кои беа малцински акционери, со бркање од работа. Дали донесе економска ефикасност? Колку фирми што беа приватизирани пропаднаа. Колку се зголеми бројот на невработени, дали имаше шлепер економија?“, прашува Миноски.

Кога започна процесот на приватизација?

На оваа тема „Лидер“ постсетува со факти за процеост на приватизација. Процесот на приватизација во Република Македонија започна во 1989 година во тогашната СФРЈ со таканаречените закони на Анте Марковиќ (Законот за општествен капитал и Законот за лични доходи) со кои се создаде најнапред т.н интерно акционерство, кога со големи дисконти вработените акционери станаа сопственици во најголем дел во своите претпријатија а подоцна во јуни 1993 година продолжи со донесување на македонскиот Закон за трансформација на претпријатија со општествен капитал, кој воведе поразличен модел на приватизација кој продолжи законски да се нормира во 1995 година кога се донесе Законот за преструктуирање на дел од претпријатијата кои во своето работење искажуваат загуби, и во 1996 година со Законот за трансформација на претпријатијата и задругите со општествен капитал кои стопанисуваат со земјоделско земјиште и Законот за приватизација на државниот капитал во претпријатијата, со чиј член 14 се предвидува попусти за продажба на државниот капитал.

Закони, кои наместо да предвидат долгорочен и траспарентен модел на приватизација во кој ќе се почитуваат сопственичките права на вработените, меѓународните практики на приватизација, начелото на конкурентност, создадоа процес на буквално разграбување на општествениот имот и неправедно и сомнително приватизирање на фабриките и комбинатите кои вработуваа стотици илјади граѓани. Овој трагичен модел на приватизацијата , според многумина го означи силниот удар врз македонската економија кој се реализирал преку тогашното политичко раководство и малата бизнис елита. Стекнувањето на капитал без пари, создаде и процес на отсуство од желба за менаџирање и успешно раководење на дотогаш успешните фабрики и комбинати. Сето тоа резултираше со затворање на компании и оставање на стотици илјади работници без работа.

„Лидер“: Над 200 илјади граѓани без работа и над 680 затворени компании

Резултатите од болната приватизација беа фатални за македонската економија. Над 680 фабрики и комбинати беа упропастени и затворени од кои 154 претставуваа дотогаш македонски индустриски гиганти. Илјадници претпријатија станаа неликвидни, стотиции чекаа стечајна постапка со која раководеа само неколкумина стечајни управници и стечајни судии во државата. Над 200 илјади македонски граѓани останаа без работа и без сопствена егзистенција и според познавачите, над 4 милијарди евра капитал беше обезвреднет и заврши во рацете на малубројната политичка-бизнис елита

Приватизацијата освен дома, како нај неуспешен модел во целиот регион на југоисточна Европа беше прогласена и од бројни странски претставници и аналитичари. Стапката на невработеност, на почетокот на 90-ите години изнесуваше помеѓу 18 и 19 проценти. Како директна последица на катастрофалната приватизација и лошите економски политики, резултатот беше драстично зголемување на бројот на невработени, односно највисоката алармантна невработеност во 2005 година со 38%.

Економските реформи донесоа расат

Приватизацијата останува во минатото и во меморијата на македонските граѓани, а состојбите на економски план почнаа да се подобруваат во последната декада, кога македонската економија зема сериозен замав.

Со политиката на отварање нови работни места, невработеноста денес е на историско најниско ниво и од 38% се намали под 25%. Намалувањето на невработеноста е резултат на рекордниот број од над 150.000 новосоздадени работни места. Во земјава почна да се применува политиката на агресивно привлекување странски компании и за прв пат од македонскиот пазар почнаа да се извезуваат производи со високо додадена вредност кој претходно не беа познати за домашните бизнисмени и компании. Се донесоа плеада на мерки и закони, со цел подобрување на условите за бизнис.