понеделник, 5 декември 2016  |  Вести денес: 61

Миновски: Политиката на ниски даноци е во интерс на државата

Во интерес на Република Македонија е да продолжи примената на постоечката даночна политика на ниски даноци, изјави министерот за финансии Кирил Миновски на денешната кафе дебата организирана од Европското движење на Македонија посветена на економските политики со кои се соочува денес Европската унија меѓу другото и за невоедначената фискална политика.

даноци

Поврзани вести

– За нас како Република Македонија, како држава која се бори да ги привлече инвеститорите, но и да го стимулира растот на домашните компании, од посебно значење е да ја одржиме оваа ставка на ниско даночно оптоварување заради тоа што ниското даночно оптоварување обезбедува директен поттик на претприемачите и за инвеститорите, рече Миновски, одговарајќи на прашање дали се можни промени во даночната политика во земјата во рамки на процесот на евроинтеграцијата.

Посочи дека претприемачот треба да биде на пиедесталот бидејќи тој е оној што презема ризик или којшто креира нови работни места.  Во таа насока, додаде Миновски, се следи таа економска филозофија на влијание на пазарот и сметаме дека овие ниски даночни оптоварувања треба да продолжат и во понатамошниот период.

– Ние не знаеме кога точно Македонија ќе стане членка на Европската унија иако работиме континуирано на тие стандарди. Меѓутоа, овие политики коишто ги спроведуваме се во насока токму на поттикнување на развојот на домашната економија. Затоа што единствено преку одржлив приватен сектор можеме да ги исполниме стандардите за членство во ЕУ и да го издржиме како компании конкурентскиот притисок којшто го има единствениот европски пазар, рече министерот Миновски.

Тој додаде дека европскиот заеднички пазар бара од нашите компании да се соочат со конкурентскиот притисок од тој заеднички пазар, а тоа значи дека треба да имаме одржливи и силни компании коишто навистина ќе имаат конкурентни производи и во таа насока и фискална политика.

Во однос на унифицирањето на фискалната политика во ЕУ, министерот Миновски оцени дека тоа е очигледно тежок процес кој вклучува и економски, но и политички аспекти.

Тој посочи дека е познато оти различни земји членки на ЕУ имаат различни даночни оптоварувања. Шведска има големо даночно оптоварување што е причина, вели, и за даночна инвазија и преселување на компаниите од Шведска во Луксембург или во, како што вели, актуелните егзотични острови. Меѓу членките на ЕУ, додаде дека Ирска е позната по тоа што има ниски даночни оптоварувања.

Во Македонија се води даночна политика со која оптоварувањето на бизнисите е многу мало и е најниско во светот. Таа политика се темели на економската филозофија која ја следи Владата дека приватниот сектор на најдобар начин ги менаџира ресурсите и според тоа, посочи, нашата основна цел и преку ослободување на реинвестираната добивка е овие средства да се вратат во приватниот сектор, тој да ги искористи согласно нивните бизнис планови во насока на креирање производи и услуги кои ќе донесат поголема профитабилност на компаниите.

Во врска со процесот на преговори меѓу СД и ЕУ за создавање заеднички пазар, амбасадорот на Словачка која е земја актуелен претседавач со Советот на ЕУ Мартин Безак, истакна дека тоа трка на долги патеки, дека тоа ќе бидат комплексни преговори бидејќи е потребно да се приближат многу различни интереси.

Според Миновски, за мала земја како Македонија формирањето на ваков глобален пазар на кој ние ќе имаме слободен пристап е предност за македонската економија.

– Овие зони на слободна трговија се веќе познати на американското тло во земјите од Далечниот Исток, во Јужна Америка. Генерално тоа е дел и стратегијата на Светската трговска организација со цел да се поедностави глобалната трговија. Ние како Република Македонија можеме да ги следиме овие случувања. Не можеме да имаме некое сериозно влијание на процесите на интеграцијата на американскиот пазар и пазарот на ЕУ, меѓутоа генерално креирањето на еден поголем пазар во којшто ние би имале пристап на кој би можеле слободно да продаваме сопствени производи е несомнено предност за една економија како македонската заради тоа што ние како мал пазар не можеме да креираме компании коишто базираат на концептот на економија на обем, туку треба да се разликуваме од останатите по тоа што ќе нудиме специфични производи и услуги. Во таа насока ваквата глобализација може да нуди предности за македонската економија, рече Миновски.

За тоа дали е можно преселување на компании од Велика Британија во Македонија по Брегзитот, министерот за финансии посочи дека е познато оти Владата работи на интензивно привлекување на странски инвестиции и во тој контекст се именувани министри без ресор за привлекување странски инвестиции, дел од кои го покриваат и пазарот на Велика Британија. Доколку постои можност некои компании да го преселат производството во Република Македонија, ние ќе работиме на тоа, рече Миновски.

Како позитивен пример ја посочи компанијата „Џонсон Мети“. Но, додаде, Британија се уште преговара со ЕУ за повластен пристап на свои производи на европскиот пазар, а во очекување се и преговорите по Брегзитот во однос на излегувањето од ЕУ.

Најчитани вести