МИОА: Фер и демократски избори не се спроведуваат со манипулирање на јавноста

Министерството за информатичко општество и администрација реагира на прес-конференција на Александар Кирацовски од СДСМ.

Реакцијата ја пренесуваме во целост:

Во врска со денешната прес конференција на Александар Кирацовски, која заради изречените закани и невистини и манипулација на јавноста, е срам за еден носител на јавна функција, би сакале да Ве информираме за следното:

Согласно со член 32 став (1) од Изборниот законик, органот на државната управа надлежен за водење на евиденцијата на државни и на јавни службеници, во случајот Министерството за информатичко општество и администрација, по барање на Државната изборна комисија, во рок од 5 дена по добиеното барање треба да достави податоци за вработените во јавната администрација и вработените во државната, општинската администрација и администрацијата на градот Скопје. Опфатот на овие два институти од Изборниот законик, доколку Кирацовски воопшто разбира што е правен институт, е утврден во членот 2 точки 18 и 19 од Изборниот законик. Никаде во Изборниот законик не е наведено од каде министерството ги добива, обработува и доставува податоците. Сепак, во насока на транспарентно и отчетно работење, министерството ја информира јавноста дека податоците кои се доставени во ДИК се експортирани токму од софтверот за управување со човечки ресурси, од кој дел е Регистарот на вработени во јавниот сектор, и дека истите податоци повеќе од два месеци се достапни онлајн за проверка од страна на вработените во јавниот сектор за што досега нема ниту една забелешка.

Во однос на почитувањето на Законот за Владата на Република Македонија, му порачуваме на Кирацовски кој очигледно е неупатен, да консултира добри правници, по можност од Министерството за труд и социјална политика, за да му објаснат на кој начин министерката ги има доставено бараните податоци за избирачкиот список до Државната изборна комисија и дали за тоа имало кривична одговорност. Во случајот, како што налага Изборниот законик, со пропратно писмо на ЦД се проследени криптирани податоци за сите вработени во јавниот сектор, со исклучок на МВР, АРМ и Агенцијата за разузнавање. Од тие податоци, Државната изборна комисија сама, без било какво учество на министерството, по случаен избор ги формира изборните органи. На Државната изборна комисија е да се произнесе дали податоците се несоодветни, половични и аматерски, или истите се најпрегледните и најдобро систематизираните податоци било кога доставени до Комисијата.

Кирацовски, како носител на јавна функција, и тоа не било која, туку онаа која е надлежна за управата, би морало да има барем елементарни познавања од начинот на кој функционира државната управа и да знае кои акти и документи во правниот поредок имаат правна сила а ги донесува министерот. Нека наведат Кирацовски и неговите експерти од кабинетот (затоа што вработените во министерството за нив се “аматери”) еден пример на список кој произведува правна сила, што би претставувало ново и епохално откритие во правните науки.

Во однос на заканите за затвор на членовите на Државната изборна комисија, не е прв пат Кирацовски да се заканува пред медиумите. Оставаме на членовите на Државната изборна комисија на кои им ги упатува овие закани да се произнесат, и притоа јавно се оградуваме од ставовите на Кирацовски, кои не се официјални ставови на министерството, туку се негови лични и како такви на негова лична одговорност. Го замолуваме Кирацовски и да не го користи официјалното лого на Министерството за информатичко општество и администрација кога објавува партиски соопштенија на веб страната на неговата партија.

Фер и демократски избори не се спроведуваат со невистини, манипулирање на јавноста, недоаѓање на работа, користење на функцијата и ресурсите за водење на партиска кампања, закани и етикетирање на вработените, закани до министерот, државниот секретар и членовите на Државната изборна комисија.

Како одговорна државна институција и одговорни поединци нема да дозволиме да се реализира деструктивната замисла на Кирацовски за блокирање на работата на Државната изборна комисија а со тоа и свесно попречување на изборите и понатаму ќе продолжиме навремено и точно, како и секогаш досега, да ги исполнуваме сите законски обврски во насока на реализација на фер и демократски избори.