МИОА: Текстовите во „Утрински“ се неточни, шпекулативни и се груб обид за манипулација со јавноста

Текстовите во „Утрински“ се неточни, шпекулативни и груб обид за манипулација со јавноста, реагираат денес од Министерството за информатичко општество и администрација. Оттаму велат дека целосно се неточни тврдењата дека бројката на вработени во државната администрација изнесува 185.000. Таа е далеку од реалната, а текстот е политички тенденциозен.

Соопштението од МИОА проследете го интегрално:

Во врска со невистинитите наводи изнесени во написите на Утрински весник, ‘’Тројца вработени во приватен сектор „хранат“ еден административец’’ на авторот Татјана Поповска, и „Не инвестициски, туку администрациски бум„ на авторот Соња Крамарска, а подоцна дел од нив преземени и дополнети од одредени медиуми, Министерството за информатичко општество и администрација ги оценува како неточни, шпекулативни и груб обид за манипулација со јавноста.

Фактот што објавениот текст подоцна беше превземен од дел од електронските медиуми, но и надограден со целосно измислени детали кој што се плод на нечиjа фантазија, јасно ја отсликува тенденцијата преку измислени текстови да се замајува јавноста.

Целосно се неточни тврдењата дека бројката на вработени во државната администрација изнесува 185.000. Таа е далеку од реалната, а текстот е политички тенденциозен.

Од тие причини, а во интерес на граѓаните и на вистината, уште еднаш информираме дека во јавниот сектор се вработени 128.253 лица во вкупно 1.354 институции, вклучително и во јавните претпријатија и тоа е далеку помалку од бројката со која лажно се шпекулира во јавноста.

Како за илустрација, Министерството за информатичко општество и администрација во повеќе наврати, а последен пат во јуни оваа година на конференцијата “Форум за јавна администрација”, на која беа присутни претставници на политичките партии, невладиниот сектор и релевантната академската фела, како и медиуми, јавно беа анализирани активностите на реформата на јавната администрација и презентирани податоци за бројот, обемот, структурата и трошоците за македонската јавна администрација.

Податоците за бројот на вработени во институциите во јавниот сектор се континуирано достапни и за европските институции кои го мониторираат процесот на интеграции на државата.

За појаснување, институциите на јавниот сектор во Република Македонија ги опфаќаат органите на државната и локалната власт и другите државни органи основани согласно со Уставот и со закон, институциите кои вршат дејности од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија основани од Република Македонија или од единиците на локалната самоуправа.

Со новиот Закон за вработени за јавен сектор, кој стапи на сила во февруари оваа година, Министерството доби надлежност почнувајќи од февруари 2016-та година, да воспостави и води Регистар на вработени во јавниот сектор и соодветно да објавува Годишни извештаи.

Се до целосното воспоставување на Регистарот и подготовката на првиот Годишен извештај утврден со новиот закон, Министерството користи податоци добиени преку вкрстување на базите на повеќе релевантни институции.

Со цел да се зачуваат професионалните, моралните и етичките норми и стандарди на македонското новинарско известување, упатуваме апел до Вас да ја објавите оваа реакција на Министерството за информатичко општество и администрација, во првиот следен број, на истото и видливо место во весникот, со цел јавноста да не биде доведена во заблуда со неточни информации.