МИОА: Повикот на Кирацовски не е во согласност со ниту еден законски пропис

миоа

Како што е посочено во соопштението, дополнителниот заменик треба да одговори на прашањето со колкави средства и од кои извори е финансирано печатењето на флаерите и подготовката на неговата веб страна.

Од МИОА велат дека заради ефикасно постапување по евентуалните пријави, од исклучителна важност е истите да се достават до институциите кои се надлежни да постапат по истите, за што Министерството во повеќе наврати испрати соопштенија до медиумите.

– Така, со Законот за заштита на укажувачи, кој е во примена од 18.03.2016 година, воспоставени се внатрешни и надворешни канали за доставување пријави од укажувачи.

Заштитено пријавување укажувачот врши во институцијата, односно правното лице, за каде има сомневање или сознание дека е извршено, се врши или ќе се изврши казниво дело, или друго незаконито или недозволиво постапување со кое се повредува или загрозува јавниот интерес.

Заштитено пријавување укажувачот може да врши и со пријавување до Министерството за внатрешни работи, надлежното јавно обвинителство, Државната комисија за спречување корупција, Народниот правобранител или друга надлежна институција, доколку:

– пријавувањето е непосредно или посредно насочено против раководното лице во институцијата, односно правното лице каде пријавува или

– укажувачот во врска со извршеното заштитено внатрешно пријавување не добие информација за преземени мерки во рокот утврден со закон или

– не се преземени мерки или укажувачот не е задоволен од постапувањето по пријавата доставена заради внатрешно пирјавување или се сомнева дека нема да се преземат мерки или дека внтрешното пријавувањето ќе предизвика штетни последници по него или по негово блиско лице.

Заштитено јавно пријавување укажувачот може да врши со правење јавно достапни информации во врска со сознание дека е извршено, се извршува или е веројатно дека ќе се изврши казниво дело со кое се повредува или загрозува животот на укажувачот и нему блиско лице, здравјето на луѓето, безбедноста, животната средина, штети од големи размери, односно ако постои непосредна опасност од уништување на докази, се наведува во соопштението.

Од МИОА велат дека истото е рефлектирано и во Законот за вработените во јавниот сектор, во членот 30, право на заштита на вработени кои пријавиле сомневање или сознание за кривично дело или за незаконско или недозволиво постапување, во кој е наведено дека на вработените во јавниот сектор кои усно или писмено пријавиле сомневање или имаат сознание дека е извршено, или се извршува или е веројатно дека ќе се изврши кривично дело против службената должност или друго незаконито или недозволиво постапување со кое се загрозува јавниот интерес, безбедноста и одбраната, им се обезбедува заштита согласно со закон (Законот за заштита на укажувачи).

– Дополнително, во членот 38 во истиот закон, забрана за политичко дејствување на работно место е наведено дека: Вработените во јавниот сектор, со членството во политичка партија и со учеството во партиските активности, не смеат да го доведат во прашање вршењето на работите и на работните задачи од работното место во институцијата; Вработените при вршењето на работите и на работните задачи не смеат да ги искажуваат или да ги застапуваат своите политички и партиски уверувања; Вработените во текот на работното време не смеат директно да учествуваат во изборни активности или во други јавни настапи од таков вид; како и: Вработениот во институцијата во која ги извршува работите и работните задачи не смее на себе да носи или да истакнува партиски симболи во работните простории и во просториите на институцијата.

Од друга страна, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање и повреда на тајноста на гласањето, се кривични дела утврдени со Кривичниот законик (член 160, член 162 и член 163). Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела. Јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, појаснуваат од Министерството.

Согласно Законот за организација и работа на органите на државната управа, Министерството за информатичко општество и администрација, како институција, а не поединци или претставници на министерството, како што се посочува во соопштението, има надлежност да врши надзор и обезбедување на единствена примена на прописите што се однесуваат на јавната администрација и развивање на политики поврзани со правата, обврските, одговорностите и оценувањето на државните и јавните службеници.

– Оттука, би сакале да ве информираме дека притисоци и уцени на администрацијата во било кое време, вклучително и за време на изборите се забранети со закон и како такви не можат и не смеат да бидат предмет на “договарање”, како што по медиумите изјавува дополнителниот заменик министер, исто како што и прашањето за стварната надлежност на секоја институција или нејзини претставници во однос на постапување со притисоци и уцени е законска материја, која не може да биде предмет на “договарање” а уште помалку на пречекорување на овластувања, се вели во соопштението.

Министерството ја поздравува секоја искрена и добронамерна активност за заштита на вработените во јавниот сектор, но повикува на доследно почитување на законските одредби кои ја пропишуваат оваа материја. – Со оглед на фактот што вршењето на притисок со закани и уцени е кривично дело, утврдено во Кривичниот законик, надлежна институција за процесуирање на овие предмети е соодветното основно јавно обвинителство, при што секој што има било каков доказ за било каков притисок, а навремено не го процесуира, исто така врши кривично дело прикривање, се додава во соопштението.

Улогата на Министерството, како што е посочено во соопштението, е да промовира професионално работење и однесување, да се грижи за имплементација на законските одредби кои се однесуваат на политичка неутралност на работно место, да ги информира сите вработени во јавниот сектор и раководните лица за забраните за заплашувања и притисоци, но и за санкциите за такво евентуално постапување, како и да ги проследи евентуалните пријави до надлежните органи, односно до основните јавни обвинителства. – Министерството, ниту пак било кој негов претставник, нема надлежност да врши истраги и да суди дали некој врши или не врши притисоци, а уште помалку да се заканува со затвор, надвор од законските процедури, се наведува во соопштението од МИОА.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.