МИОА: Вработените во администрацијата да пријават изборни политички притисоци

Во пресрет на предвремените парламентарни избори  Министерството за информатичко општество и амдинистрација (МИОА) денеска воспостави посебен телефонски број и електронска адреса на кои секој вработен  во институциите на јавниот сектор ќе може да пријави каков било притисок, злоупотреба или друго нарушување на правата поради политички притисок.

Евентуални пристисоци може да се пријават на телефонските броеви 02/3200 899 и 072 228683, или на е-маил адресата izbori@mioa.gov.mk.

Целта, според ресорната министерка Марта Арсовска Томовска, е да се спречат какви било евентуални притисоци и злоупотреби кон вработените во институциите на јавниот сектор.

Арсовска Томовска најави дека од утре ќе биде формирана работна група со претставници од МИОА и од Државниот управен инспекторат и Државниот инспекторат за труд, која ќе ги разгледува сите пријави по однос на ова прашање и во рамки на законските надлежности ќе преземат мерки за да се спречи каква било злоупотреба.

Најстрого го осудувам секој оној кој евентуално би вршел или врши притисок врз секој еден вработен во администрацијата. Ги повикувам вработените во администрацијата да го штитат угледот и честа на јавните институции, да се однесуваат совесно и одговорно и да бидат пример за однесување на сите граѓани во Република Македонија…, рече на прес-конференција Арсовска Томовска.

Согласно членот 26-а став (1) алинеи 8 и 9 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, Министерството за информатичко општество и администрација е надлежно  за надзорот и обезбедувањето на единствена примена на прописите што се однесуваат на државните и јавните службеници и развивањето на политиката поврзана со правата, обврските, одговорностите и оценувањето на државните и јавните службеници.

МИОА ги воспостави телефонскиот број и електронската адреса како надлежно за надзор на примената над законите за вработените во јавниот сектор и за административни службеници во однос на кодексите за административни службеници и за фер и демократски избори, како и согласно членот 8-в став 2 од Изборниот законик согласно кој сите учесници во изборниот процес не смеат да вршат никаков притисок или обид за притисок врз вработените во државната и јавната администрација.