Мирен протест на добитниците на социјални станови во Прилеп

Добитниците на 76-те социјални станови во Прилеп денеска преку мирен протест пред новата социјална зграда во прилепската населба Точила го изразија своето незадоволство и прашуваат зошто по пет месеци од објавувањето на листата дека се добитници, не добиле решение за користење на социјалниот стан од Министерството за труд и социјална политика, пренесува МИА.

Менка Камческа е добитник на социјален стан. Самохрана мајка е на две деца, живее под наем, но, како што вели не знае кога ќе се всели во станот.

Знаеме дека сме добитници. Еве, поминаа пет месеци, а се уште не ни се дадени клучевите и немаме решение од Министерството за труд и социјална политика. Земам 8.000 денари постојана парична помош, а плаќам 2.500 денари кирија. Се уште не знаеме зошто не ги добиваме клучевите од становите. Неиздржливо е. Сметките не ми се платени, ќе ми дојдат извршители, а сама сум со две деца. Што да правам. Прашувам во прилепскиот Центар за социјални работи, оттаму велат одговорот е во Скопје, вели самохраната мајка Камческа.

И Јулијана Дурланова, мајка на две малолетни деца прашува кога конечно ќе добие решение за социјалниот стан.

Доделувањето беше на 2 февруари 2016 година. Комисијата помина да види во какви услови живеам, но никој не дава решение, ниту клучевите од станот. Живеев под кирија, сега сум кај мојот брат привремено, сите сме во мал простор, вели Дурланова.