Миркуловски:Ова е голем триумф бидејќи носиме два бода во следната фаза, што е огромен успех

Кога најмногу требаше Филип Миркуловски ја превзеде одговорноста и во клучната фаза погодуваше, изнудуваше исклучувања и седмерци. Така и треба да се игра за националната репрезентација, а ракометарот на Металург само ни потврди дека кога оваа репрезентација игра со срце можат да паднат и на хартија поквалитетни репрезентации.
„Можеби никој не веруваше по тие повреди на клучните играчи, но со напорна игра, мотивација и оставање на срцето на терен стигнавме до голем триумф. Ова е голем триумф бидејќи носиме два бода во следната фаза, што е огромен успех. Одигравме онака како што се договоривме, особено во одбраната. Сега се е можно, веќе имаме два бода, а ако продолжиме вака да играме, можеме да стигнеме до уште некој позитивен резултат. Сакам да им честитам на сите мои соиграчи. Одигравме еден исцрпувачки натпревар но покажавме уште еднаш дека имаме победнички менталитет” изјави возбудено Филип Миркуловски.