Мирната конференција за Сирија ќе започне денеска во Монтре

Денес во Швајцарија ќе започне меѓународната мировна конференција за Сирија, која има за цел да најде политичко решение на тригодишниот сириски конфликт, пренесоа „Би-Би-Си“.

На средбата наречена „Женева-2“, ќе присуствуваат делегации на сириската Влада и главната опозициска група, како и на нивните меѓународни партнери.

Клучното прашање за кое се чини дека ниту една од страните не е склона на отстапки, е иднината на претседателот Башар ал Асад.

Конференцијата денеска ќе започне во Монтре и ќе продолжи во Женева, два дена подоцна.

Ова е прв пат сириската влада и опозицијата да се соочат лице в лице од почетокот на конфликтот.

Денеска само церемонијално ќе се одбележи почетокот на конференцијата. Претставници на десетиците поканети нации ќе ги одржат своите говори, во кои ќе повикаат борците од сите страни да прекинат страдањата на сирискиот народ и да се најде политичко решение за продлабочената криза.

Во петок сириските делегации ќе продолжат преговорите во Женева со посредство на специјалниот претставник на Обединетите Нации за Сирија, Лахдар Брахимај.