Мисајловски: Инвестиција од околу 800 милиони евра во изградба на автопатишта

Во тек е изградба на 155,7 километри нова автопатска мрежа, инвестиција од околу 800 милиони евра. Со предложениот буџет за 2016 година за Министерството за транспорт и врски се предвидени речиси две милијарди денари за реализација на проекти од патната и железничката инфраструктура, изградба  на социјални згради, водоводи и канализации, пешачки патеки, жичницата на Водно и други проекти. Овие средства ќе се користат за реализација на започнатите проекти, но, исто така, и за почнување нови што сме ги ветиле во нашата програма.

Ова во интервју за МИА го нагласува министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.

Резултатите од тековните градежни активности, посочува Мисајловски, се видливи на терен. Во тек е изградба на 155,7 километри нова автопатска мрежа, инвестиција од околу 800 милиони евра. Од изградбата на автопатот Демир Капија-Смоквица, во должина од 28,2 километри со инвестиција од 210 милиони евра, прогресот на работите е 65,5 проценти, а на новиот автопат Миладиновце – Штип, кој треба  да биде долг 47 километри, со инвестиција од 206 милиони евра, прогресот е 20 проценти. На автопатот Кичево –Охрид, пак, во должина од 57 километри и инвестиција од 374 милиони евра, прогресот е 7,7  проценти. Во тек се активности и за рехабилитација на автопатската делница Велес-Катланово (Скопје) во должина од 23,5 километри. Инвестицијата е вредна 5,6 милиони евра, а рокот на завршување ноември годинава, вели Мисајловски.

Тој информира дека во наредниот период се планира да се почнеме со изградба или реконструкција на уште неколку автопатски делници.

Во октомври ќе почне обнова на автопатот Смоквица-Гевгелија со должина 10,15 километри,  со проценета вредност од  седум милиони евра,  а на крај на годинава на Куманово-Миладиновци во должина од 23 километри, со инвестициска вредност од 16 милиони евра. –  Планирана е изградба на автопатска делница Требениште – Струга во должина од 8,5 километри. Проценетата вредност на проектот е 45 милиони евра. Предвидена е рехабилитација и на автопатска делница Неготино – Демир Капија, во должина од осум километри, каде градежните работи же почнат во 2017.За изградба на автопатот Скопје-Блаце планираме да распишеме јавен повик за јавно-приватно партнерство, истакнува министерот Мисајловски.

Во делот на регионалните и магистралните патишта, посочува, во тек е изградба и рехабилитација на околу 100 километри патна мрежа инвестиција од 37 милиони евра.  Во тек на овој и следниот месец, како што најави, ќе започне обнова на шест регионални патни правци во должина од 73 километри, во што ќе бидат вложени 10 милиони евра.

За следната година за рехабилитација се планирани  и патиштата Кочани – Делчево, експресниот пат Градско – Прилеп, Охрид-Пештани, Штип-Кочани, Штип-Радовиш… а треба да почне и изградбата на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка… Меѓу другото Мисајловски најавува дека годинава ќе бидат реконструирани 46 локални патишта во 36 општини во вредност од 7,2 милиони евра. До сега завршени се 28 локални патни правци, а во тек е реконструкција на 17.

Мисајловски во интервјуто се осврнува и на изградбата на железничката инфраструктура и посочува оти активностите за пругата кон Бугарија се одвиваат континуирано.

Моментно се гради делницата Куманово до Бељаковце. Инвестицијата за оваа делница изнесува речиси 40 милиони евра. Знаете дека веќе обезбедивме заем од ЕБРД во висина од 147 милиони евра за изградба на втората делница од Бељаковце до Крива Паланка. Планираме до крај на година да распишеме и тендер за избор на компанија што ќе ја врши изградбата на оваа делница. Ако се оди според плановите очекуваме следната година да започне изградбата. За последната делница од Крива Паланка до границата со Бугарија очекуваме до крај на годината да избереме проектантска куќа што ќе го изработи проектот. Проценетата вредност за оваа делница изнесува околу 340 милиони евра, од кои 60 милиони евра планирано е да се финансира од ИПА и Буџетот на РМ, а остатокот од ЕБОР и ЕИБ. Очекуваме до 2022 година да имаме комплетирана пруга на Коридор 8 кон Бугарија, вели министерот за транспорт.

Во исто време, министерот информира дека се работи и на проект за изградба на нова пруга кон Албанија.

Овде ја гледаме можноста да воспоставиме и еден крак до Охрид. Рано е да се каже за почеток на градежни активности но сметам дека комплетирањето на железничкиот Коридор 8 ќе ја зголеми конкурентноста на Македонија меѓу балканските железнички рути, наведува Мисајловски.

Тој најавува  дека набрзо ќе пристигне првиот патнички електромоторен воз, како дел од обновата на возниот парк во МЖ Транспорт.

Вториот патнички воз според договорот очекуваме да пристигне до крајот на  ноември. Инвестицијата вредна 25 милиони евра ќе ја заокружиме во првиот квартал на 2016 година кога ќе бидат испорачани уште четирите нови возови со што ќе го замениме 60 проценти од возниот парк на Железница, вели Мисајловски.

Истакнува и дека се работи интензивно на привлекување нови авиокомпании што ќе овозможат нови дестинации за македонските граѓани преку достапни цени. Преговараме, наведува, со неколку компании да воведат нови дестинации, но за ова ќе објавиме доколку постигнеме конкретен договор.