Мисајловски: Со е-одобрение до редуцирани административни процедури и скратени рокови за издавање дозволи

Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, учествува на 2-та меѓународна конференција “ Е-дозволи за конкурентен регион”, што се оддржува во Тирана, Албанија.

На конференцијата, тој ги презентираше реформите што ги спроведе Република Македонија во делот на електронско издавање на градежни дозволи.

-Почнувајќи од 1 јуни 2013 година, постапката за издавање на одобрение за градење за сите видови на градби во Република Македонија се спроведува на електронски начин преку Информациски систем е -одобрение за градење, а од 1 ноември 2013 година преку истиот систем на електронски начин се спроведуваат и сите останати постапки за добивање на одобренија во делот на градежништвото. Главната цел на овој информациски систем е овозможување на брзо и ефикасно поднесување на барањето за добивање на одобрение за градење како и другите барања предвидени со Законот за градење, без при тоа да се доаѓа во институциите, увид во секоја фаза од постапката, целосна информираност на барателот, увид во роковите за постапување, како и намалување на трошоците на постапката, истакна Мисајловски.

Со воведувањето на оваа реформа, Република Македонија е рангирана на 10 место во светот и на прво место во Европа и Централна Азија, во последниот Извештај на Дуинг Бизнис, на ранг листата за ефикасно спроведување на постапката за издавање на одобрение за градење.

Министерот обраќајќи се на конференцијата, потенцираше дека  со размената на податоци што се спроведува во електронска форма преку овој систем, се редуцираа бројни административни процедури кои претходно се спроведуваа, со што се придонесе за значително скратување на роковите за издавање на одобрение за градење.

Меѓународната конференцијата во Тирана е втора по ред од овој вид и се организра се со цел да се презентираат предностите на електронското издавање на градежни дозволи.

Покрај министерот Мисајловски, на конференцијата присуствуваат и министрите за транспорт,  инфраструктура и просторно планирање на Република Албанија, Црна Гора, Косово, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина.