Мисајловски: Ќе го комплетираме цел Коридор 8

Ќе го комплетираме цел Коридор 8. Се работи за нов капитален проект, односно инвестиција од преку 80 милиони евра. Добиваме нов експресен пат од Ранковце до Крива Паланка, со што ќе се зголеми и трговијата, како и туризмот. Комплетираме и со уште еден дел – од Крива Паланка до Деве Баир, значи комплетираме целосна слика на автопатско решение. Ова го истакна министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски во Дневникот на Сител.

Тој нагласи дека во втората фаза се почнува со проектирање уште од овој момент. Како што рече, во почетокот на 2016 година ќе се отпочне со градежни активности и во наредните две години ќе комплетира еден нов капитален проект што беше зацртан во програмата на Владата и во програмата на ВМРО-ДПМНЕ на претходните избори.

Моментално имаме градежна офанзива и експанзија секаде во Македонија. Прв пат во историјата се градат три автопатишта- инвестиција вредна преку 800 милиони евра, преку 155 километри автопатска делница. Зборуваме за нови автопатишта, тоа се Демир Капија- Смоквица каде постојано се работи, Миладиновци – Штип одличен автопат кој ќе го намали времетраењето на патувањето, а ќе добиеме една нова автопатска делница и оној најпосакуван од сите граѓани, а тоа е Кичево- Охрид. Тоа се три нови модерни автопатишта, потенцираше Мисајловски.

Министерпт нагласи дека покрај автопатиштата кои се преку 800 милиони евра, во моментов се рехабилитираат и многу регионални и магистрални патишта.

Во изминативе неколку месеци започнавме со многу регионални и магистрални патишта. Го почнавме Мокрино – Смоларе, Нов Дојран – Николич, Битола – Буково – Ресен кој е капитален за тоа подрачје, исто така почнавме и со Тетово- Брвеница- Чегране… Во следните два месеци започнуваме и со нови 6 регионални патни правци – Бошков Мост- Дебар, Делчево – Голак, Мелнички мост – Центар Жупа, Лажани – Ропотово – Црнилиште, Кривогаштани – Обршани – Воѓани и Клепач – Новаци. Ова се сите проекти што ги имавме зацртано и како сме ги ставиле во програмата по датуми и по времетраење, така сите ќе се завршат, додаде министерот Мисајловски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.