Мисајловски најави низа проекти во патната инфраструктура

Мисајловски најави низа проекти во патната инфраструктура

Министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски, одговарајќи на пратенички прашања, најави низа проекти во патната инфраструктура.

Околу изградбата на патен правец Охрид-Пештани, тој информира дека изградбата на овој експресен пат е во должина од 14,5 километри, со проценета вредност од 52 милиони евра.

-Проектот ќе се финансира од средства на ЕБРД. Почетокот на градба се очекува да започне во првата половина на 2016-та година. Проектната документација е завршена, освен оној дел од документацијата за заштита на животната средина, а истиот треба да се заврши до 30.08.2015-та година од аспект на заштита на состојбата на националниот парк Галичица. Вршиме усогласување со нацрт верзијата на студијата за животна средина, како и комплементирање на студијата од поглед на запазување на сите предвидени услови и параметри, истакна Мисајловски.

Министерството за транспорт и врски интензивно работи на овој проект со цел да се спречат сите оние грижи околу еколошките стандарди. Паралелно, освен за овој правец, се работи за Штип-Радовиш, Градско-Прилеп, Штип-Кочани, Битола-Ресен и така натаму.

Мисајловски вели дека сите овие проекти ќе се реализираат како што е наведено во програмата.

Министерот одговараше и на пратеничко прашање за доизградбата на регионалниот пат од Кичево до Дебар во должина од 18 километри. Овој проект е со вредност од 23 милиони евра, со поддршка и средства од меѓународни финансиски институции.

-Моментално ја работиме проектната документација и очекуваме да биде комплетна и доставена во првата половина до година. Со граба ќе почнеме мај-јуни. Зошто не сме почнале до сега? Бидејќи никој претходно, ниту една Влада не почнала ниту да проектира, не сме имале проект, ние мора да пазиме законски процедури, истакна Мисајловски на пратенички прашања.