Мисајловски: Волково и Ново Село ќе добијат нови градинки, целта е да нема чекање за сите дечиња

На националниот сервис вечерва дебата имаат кандидатите за градоначалници за Ѓорче Петров, Владо Мисајловски од ВМРО-ДПМНЕ и Александар Наумовски од СДСМ. Мисајловски кажа дека целта му е со нови капацитети, со нови градинки, да се скрати чекањето односно повеќе да нема чекање за сите дечиња.

-Јас предвидов една градинка да има во Волково, сосем нова и една во Ново Село, едната е за 100 дечиња во Волково, едната е за 80 дечиња во Ново Село. Но, исто така и зголемување на капацитетите на сите останати градинки, дел со надградба, дел со доградба, зависи од урбанистичката документација. Бидејќи ќе треба за дел од тие градинки да се смени, бидејќи не може да се гради веднаш, изјави Мисајловски.

Затоа кажа дека го става тоа како проект во наредниот период, да се изградат капацитети каде децата ќе бидат згрижени.

-Тоа е многу важно и јас се надевам дека во наредниот период тоа ќе биде приоритет. Се надевам дека советот тоа веднаш ќе го одобри и да почнеме да градиме градинка во Волково, но исто така да ги средиме и сите оние детски паркчиња, односно нови реквизити, да наполниме со нови играчки во градинките. Бидејќи имам повеќе проекти за дечињата, односно за најмладите во Ѓорче Петров. Целта ми е да не се чека и тоа за брзо време ќе го видите сите, сите родители што имаат проблем со чекање, тоа да биде надминато, а за да се надмине, мора да изградиме нови капацитети и тоа ќе биде за брзо време, изјави Мисајловски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.