Мишковиќ ја продал осигурителната компанија за време на поплавите

Сопственикот на „Делта холдинг“ за време на вонредната состојба во Србија го продал својот дел во осигурителната фирма „Делта Џенерали“ со што се заштитил од загуби.

Мирослав Мишковиќ, сопственик на „Делта холдинг“, за време на катастрофалните поплави во Србија го продал својот удел во „Делта Џенерали“, објавува српски „Курир“.

Со тоа, пишува порталот, Мишковиќ ја избегнал секоја можност да учествува во исплата на оштетите на граѓаните и земјоделството кои во таа компанија се осигурани од поплави.

„Делта Џенерали осигурување“ со вкупна премија од 130,5 милиони евра и пазарен удел до 20 отсто во 2013 година беше втора најголема осигурителна компанија во Србија.

„Делта осигурување“ Мишковиќ ја основал во 1998 година, а во 2006-та година 50,02 отсто од акциите ги продал на италијанската компанија „Џенерали“ за 120 милиони евра.

Веста за продажбата на акциите на Мишковиќ е објавена на 16-ти мај кога неколку градови во Србија беа под вода, за време на вонредната состојба.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.