Мистериозна подморница кружи околу Велика Британија, Лондон бара помош од НАТО

Велика Британија побарала помош во авиони од сојузниците во НАТО за да учествуваат во потрагата по „мистериозна“ подморница, чиј перископ е забележан минатиот месец крај западниот брег на Шкотска, откриваат британските медиуми.

Потрагата во која учествувале авиони на САД, Канада и Франција траела до минатата недела, а сојузничките авиони полетувале во оваа мисија од базата на британското Кралско воено воздухопловство (РАФ) од базата Лосимут во западна Шкотска.

Британската армија нема повеќе специјализирани воени авиони за трагање и за откривање на подморници.

Министерството за одбрана во Лондон,одби да потврди дали станува збор за странска подморница. Во соопштението на Министерството се вели само дека била побарана помош од сојузниците во спроведувањето на основното поморско патролирање.

Висок претставник на сепаратистичката Шкотска национална партија (СНП) го критикуваше барањето странски авиони да патролираат покрај шкотскиот брег.

– Срамота е за Велика Британија што не може самата да спроведе една ваква потрага, туку мора да зависи од добрата волја на сојузниците, изјави за медиумите во Единбург овој претставник на СНП.

Засега не се открива чија била подморницата по која се трагало, но во последно време е забележливо зголеменото руско патролирање во меѓународните води и во меѓународниот воздушен простор.

Ваквите движења се забележливи по избувнувањето на украинската криза, санкциите на САД и ЕУ кон Русија и одлуката на НАТО за постојано патролирање на воздушните сили на Алијансата над граничниот простор на Русија со земјите-членки.

Инцидентот со „мистериозната подморница“ покрај северозападниот брег на Шкотска доаѓа еден месец по запирањето на слична потрага по една „руска подморница“ во водите близу до бгергот на Шведска во Балтичкото Море. Потрагата беше запрена откако Москва остро демантирапе дека нејзина подморница е вмешана во таков случај, а властите во Стокхолм не открија чија била подморницата по која трагале.

На 28 ноември бродови на британската Кралска морнарица надгледуваа четири руски воени бродови кои поминаа низ каналот Ламаш.