Митрев:Ако доцентите ги исполнуваат условите, јавно ќе се извинам и ќе го разрешам деканот на Економскиот факултет

По повод штрајкот на дел од раководството на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) во знак на солидарност со тројцата професори од штипскиот универзитет, денеска се огласи и ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев” од Штип, Саша Митрев.

„За да се избегнат било какви манипулации со јавноста, за да се избегне ситуација на маченици и репресивна управа на универзитет, ги повикувам доцентите-штрајкувачи да одредат 3 редовни професори од групата од наставници која сака да се вклучи во штрајкот или било кои други наставници кои штрајкувачите ќе ги одредат, заедно со еден правник и еден редовен професор од УГД и еден претставник од МОН, да направи точна и недвосмислена евалуација на сегашните рецензии на трите наставници и нека излезат со извештај до јавноста дали сегашните рецензии на овие наставници ги задоволуваат нормите за избор на вонредни професори кои се предвидени во Законот за високо образование,“ вели Митрев во соопштението до јавноста.

Ректорот Митрев ги наведува и условите под кои лицето може да биде избрано за вонреден професор, а тоа се да има научен степен доктор на науки од научната област во која се избира, објавени најмалку пет научноистражувачки трудови во соодветната област во меѓународни научни списанија или меѓународни научни публикации  или три научни труда во научно списание со импакт фактор во последните пет години, учество во научноистражувачки проекти, односно значајни достигнувања во примената на научноистражувачките резултати, придонес во оспособувањето на помлади наставници и кое покажало способност за изведување на разни видови високообразовна дејност и позитивна оценка од самоевалуацијата.

„Ако сегашните доценти ги исполнуваат горенаведените услови за избор во вонредни професори, јас како ректор јавно ќе се извинам за направените грешки во името на Економскиот факултет при УГД и ќе го разрешам деканот на Економскиот факултет поради грешки во водењето на постапката за избор.Ако пак сегашните доценти не ги исполнуваат горенаведените услови согласно законот, само нека се повлечат од сегашната претстава за да го задржат достоинството, дигнитетот и угледот на УГД, на другите универзитети и на целото високо образование во Република Македонија,“ вели Митрев во реакцијата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.