Македонија

Митрев апелира да се прекина штрајкот

Митрев апелира да се прекина штрајкот

Ректорот на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“, проф. д-р Саша Митрев, во изјава за Канал 5 вели дека со штрајкот се урива угледот на Универзитетот „Гоце Делчев“. Додава дека проблемот на УГД е во раммите на самиот универзитет каде може да се решат проблемите.

„На универзитетот постојат механизми со кои би се решиле проблемите. Колегите кои не се задоволни со одлуката од Научно – наставниот совет се решија на најекстремната варијанта, на штрајк со глад. Многу е симптоматично што претходно не се искористија другите законско предвидени механизми, да се поднесе жалба, приговор и сл. Мојот став е дека мора да се почитува законот, точно по законските норми, правилниците и статутот на Универзитетот, да се дојде до вистината, а каква е таа вистина ќе си каже наставно научниот совет. Тој нема обврска на никого, ниту на мене, ниту на било кој да дава отчет како ќе гласа, заошто гласа и каков е исходот од гласањето. Тоа е едноставно волја на мнозинството на самиот факултет“, истакнал Митрев.

За Митрев ваквиот начин на манифестација на незадоволство поради негативното мислење на Научно- наставниот совет е своевиден преседан во работата, не само на штипскиот, туку и на останатите универзитети во Македонија, давајќи негативен сигнал дека ваков начин може да бидат алатка за решавање на било каков спорен момент.

-Во високото образование не смее да има притисок за избор. Тоа треба да си го кажат стручните тела, ниту ректор, ниту министер, ниту проректор, ниту пак декан може да каже кој ќе биде избран или нема да биде избран, додаде Митрев.

Ректорот Митрев, запраша зошто СОНК се вклучени, кога немаат потпишано колективен договор со ниту една високообразовна институција во Македонија.

За Митрев, времето ќе покаже дали штрајкот со глад крие други намери, кога се знае дека по неколку месеци ќе следи редовен избор за нов ректор на УГД.

Во продолжение погледнете ја целосната изјава на ректорот Митрев за Канал 5.