Конгресот на ССМ од нелегитимното раководство е прогласен за нелегитимен

Конгресот кој се подгтовува во Сојузот на синдикати на Македонија од нелегитимното раководство е прогласен за нелегитимен и од страна на Европската конфедерација на синдикати, каде што со писмо доставено до ССМ на 3.11.2017 јасно се кажува дека Европската конфедерација напоредно со Светската конфедерација, нема да присуствуваат на овој конгрес. Го сметаат за нелегитимен бидејќи е резултат на низа повредени демократски права.

Ова го истакна Живко Митревски, актуелниот претседател на ССМ кој е признат од Светската федерација на синдикати кои има над 250 милиони членови, и додаде дека и со овој чин се потврдува статутарното насилство кое се вршеше до сега и кое елиминира повеќе кандидатури во ССМ.

„Овој конгрес ќе биде бојкотиран и нема да присуствуваат 6 синдикати, а во најава е и уште еден дополнителен синдикат дека нема да присуствува, па тоа значи дека нема да има никаква апсолутна легитимност одржувањето на ваквиот конгрес, со оглед на тоа што не само што не е признат и од Светската и од Европската конфедерација на синдикати, истовремено нема да биде признат и од делегатите од ваквиот конгрес“, рече Митревски.

Ги повика и оние делегати кои имаат намера да отидат, бидејќи како што рече, се изманипулирани, да не бидат соучесници во овој нелегитимен конгрес.

„Ги охрабрувам сите оние кои слободоумно мислат да не присуствуваат на конгресот, бидејќи паднаа и лагите на ова нелегитимно раководство дека имаат поддршка и од владејачката партија, напротив во разговорите кои ги имавме со највисокото раководство почнувајќи од премиерот до министерката, велат дека нема никакво мешање во овој конгрес и дека нема давање на никаква поддршка на овие нелегитимни дејствија и очекувам дека за скоро време дури и решението кое беше донесено од министерката Царовска ќе биде повлечено и дека повторно ќе завладее правото и легитимитетот во ССМ“, додаде Митревски.