Митрополит Антимос: Да се молиме Грција да не излезе од Европската Унија

Расте притисокот врз грчкиот електорат, јавува дописникот на Нетпрес од Атина.  Грците бараат промени, Европската Унија сака да останат на истата патека. Европските функционери индиректно се закануваат дека попрво Грција ќе излезе од Еврозоната отколку што ќе дозволат поништување на веќе договорените услови од Меморандумот за штедење.

„ Во однос на членството на Грција во Еврозоната, изборот зависи ислучиво од Грција. Не е наше да правиме препоставки во однос на грчките избори и да предвидуваме дали Грција ќе остане или ќе ја напушти Еврозоната. Мислам дека сум многу јасен, Грците се слободни да ја одредат својата судбина. Но во исто време, обврските се веќе преземени, обврски што ќе мора да се почитуваат”, изјави францускиот претедател Франсоа Оланд.

Сценариото за победа на Сириза и реализацијата на намерата на Алексис Ципрас  за повторно преговарање за условите од Меморандумот  се чини многу повеќе ги вознемирува Европјаните отколку радикалиот национализам  во Грција. Неговиот екстремен подем како нус продукт на кризата во Грција, резултираше со рамноправно учество на неонацистите од Златна Зора во Европскиот Парламент.

„Најголемата меѓународна закана во Европа е порастот на екстремизмот кој што се потхранува со висока невработеност, нееднакви приходи и недостаток на сигурност во иднината”, пишува угледниот економски магазин Форбс, нагласувајќи дека време е германската канцеларка Ангела Меркел и нејзините сојузници да сфатат дека нивните економски рецепти се фертилизатори на екстремизмот и популизмот.

Освен европските функционери, индиректно незадоволство од водството на Сириза изразуваат и претставници на грчката Црква, која што според најавите на солунскиот митрополит Антимос, ќе се молела заедно со верниците за Грција да не излезе од Европската Унија.

„Не можам да замислам дека балканските земји како Бугарија, Романија, а за кратко и Скопје ќе бидат во Европската Унија, а Грција не. Ова е национално прашање, постоење, историја…”, истакна Антимос од неделната литургија.

Очекувано, проблемот што Атина го има со нашето уставно и историско име во овој предизборен период дополнително се актуелизира, нагласувајќи го недостигот на консензус меѓу чинителите во грчкото општество по ова прашање.

Последен на темата се огласи лидерот на опозициската Независни Грци, Панос Каменос, реафирмирајќи го ставот дека за неговата партија не е прифатливо евентуалното решение да го содржи и терминот Македонија. На иста линија е и солунскиот митрополит Антимос.

Позицијата на Антонис Самарас до денешен ден остана нејасна со оглед на тоа што никогаш не даде одговор на пратеничките прашања дали за него сега, за разлика од порано, прифатливо е евентуалното решение да го содржи и зборот Македонија. Иако неговата влада во разговорите под посредство на ОН настапуваше со официјалната грчка црвена линија за сложено име со географска одредница за вкупна употреба што ќе го содржи терминот Македонија, јавна тајна е дека ваквата позиција не ужива целосна поддршка во Неа Димократиа.

За разлика од Самарас и Неа Димократиа, Сириза на Алексис Ципрас јасно и недвосмислено ја поддржува официјалната грчка црвена линија.

Според ова, ирелевантно на тоа кој ќе биде следниот грчки премиер, извесно е дека максималистичките грчки барања за името ќе останат непроменети, исто како и децениската пракса на непризнавање на основните човекови права на македонското малцинство во Грција.

фото:greekreporter.com