Митровски: МВР и министерот Спасовски не се грижат за редот и мирот во државата

Министерството за внатрешни работи и неговиот шеф Оливер Спасовски целосно потфрлија за тоа за кое се платени со пари на граѓаните, тие очигледно не се грижат за редот и мирот во државата, а сторители на кривични дела, како сквернавење на гробишта, креирање на тензии и поттикнување верска и национална омраза, се оставаат слободно да се шетаат и да ги повторуваат одново, изјави прес-конференција Дејан Митровски.

„Како поинаку граѓаните да го толкуваат фактот дека после 12 дена сѐ уште не се откриени сторителите на вандалскиот чин во Љуботен кога беа уништени 30-ина православни гробови. Овој акт предизвика тензии и страв кај граѓаните, а министерот мува не го лази за тоа што сторителите сеуште не се фатени и извадени пред лицето на правдата и може да го повторат делото“, истакна Митровски.

Додаде и дека штетата од овој чин не е само материјална, туку може да влијае и на меѓуетничките односи во пошироко во општината Бутел. Ова е многу сериозно за вака индолентно да се однесува Оливер Спасовски, предупреди претставникот на ВМРО-ДПМНЕ

„Сѐ почесто се поставува прашањето дали овој чин имаше за цел да предизвика дефокусирање и страв кај граѓаните, а на друга лента да се истераат некои политички, а може и тесно партиски работи. Сѐ додека истрагата тапка во место до тогаш со право може да кажеме дека мирот и безбедноста на граѓаните се загрозени и надлежните треба да понесат одговорност за нивната неспособност да решат еден ваков случај“, заклучи Митровски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.