Митровски: Спасовски и МВР упорно молчат а сторителите на вандалското сквернавење на православните гробишта во Љуботен се на слобода

Минаа единаесет дена од вандалското сквернавење на православните гробишта во Љуботен, а ниту граѓаните, ниту медиумите не дознаа кој го сторил овој чин. Министерството за внатрешни работи (МВР) целосно затаи, тоа што им е обврска, да го штитат редот и мирот и да ги гонат сторителите на вакви дела, тие не го исполнуваат, изјави во саботата Деjан Митровски од ВМРО-ДПМНЕ.

„МВР и по единаесет дена сѐ уште го нема откриени и фатено сторителот или сторителите на овој подол и гнасен чин кој влеа немир и тензии меѓу граѓаните. Сторителот или сторителите се на слобода и може повторно да го сторат истото дело“, рече Митровски.

Оттука, продолжи Митровски, се поставува прашањето дали МВР ги крие сторителите? Дали овој чин беше намерно случен со цел да се креваат тензии во јавноста и меѓу граѓаните, а некои други политички агенди да поминат незабележано?

„Го повикуваме министерот Спасовски и МВР да престанат да молчат. Секој поминат ден без конкретен резултат во истрагата ја покажува нивна неспособност и непрофесионалност. Ако Спасовски не може да реши еден ваков случај, тогаш граѓаните оправдано стравуваат за својата безбедност и дека вакви, па и посериозни може да се повторат, а полицијата не може да ги пронајде сторителите, а уште помалку да ги спречи“, истакна Митровски.