Мизо: Македонија, привлечна дестинација за инвестиции во автомобилската индустрија

Во првиот квартал од годинава, автомобилскиот сектор во Европа забележал раст од 4,5 отсто, што може позитивно да влијае на домашната економија, како и на зголемувањето на можностите за влез на нови странски инвестиции, анализира „Лидер“.

Македонија веќе има неколку странски компании кои работат во индустријата за производство на автокомпоненти за разни типови возила. „Џонсон контролс“, „Џонсон Мети“, „Кромберг и Шуберт“, „Технохозе“, „Кемет електроникс“, „Ван Хоол“, „Дрекслмајер“, „КСС“ во Кичево но и новата германска компанија која објави влез во земјава „Техникал Текстил“, работат токму во овој сегмент.

Дека Македонија има светла идинина во автомобилската индустрија потврдува и Виктор Мизо, директорот на ТИРЗ, кој вели дека автомобилската индустрија и индустријата со електроника се најмобилните индустрии во светот кои секогаш бараат поконкурентна локација, а Македонија е земја која нуди поволни услови за инвестирање.

„Ако ја земеме на пример Европа кон средината на осумдесеттите, голем број од автомобилските компании како за производство на автомобили така и добавувачите, прво се преселија на Пиринејскиот полуостров, во Шпанија и Португалија. Со отварањето на Источна Европа, почетокот до средината на деведесетите, тоа беше случајот со Полска, Унгарија, Словачка, Чешка, постепено и Романија, сега го гледаме трендот дека и од таму се сели производството, од неколку причини, прво голем број на компании се веќе влезени во тие земји така што расположливоста на работната сила е драстично намалена не само заради тоа што голем дел од луѓето се вработени туку и заради тоа што постои емиграција на соодветен кадар кон Западна Европа, Германија Велика Британија и слично истовремено трошоците во тие земји се драстично зголемени, она што беше конкурентно во средина на 90-те, сега не е доволно“, објаснува Мизо.

Мизо вели дека главните поволности што се пресудни во одлуката да се инвестира во Македонија се поволната и стабилна бизнис клима поддржана со ниски трошоци за водење бизнис, како и активната промоција и квалитетот и расположливоста на ценовно-конкурентната работна сила.

„Арапската пролет и сосотојбите во Украина ги намалуваат можностите за нови трошковно-конкуренти дестинации, но истовремено дестинации каде што има соодветна работна сила и тука се повеќе ние влегуваме во игра а важно е што овој процес на привлекување странски инвестици од 7 години сега конечно се гледаат резултатите“, додава Мизо.

Според него, дополнителен импулс во насока на привлекување нови инвестиции во овој индустриски сегмент даваат и знаците на заздравување на автомобилската индустрија.