Мизо на состанок со директорите на компаниите во ТИРЗ

Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Виктор Мизо денеска во ТИРЗ Бунарџик одржа состанок со директорите на компаниите лоцирани во технолошко-индустриските развојни зони.

Мизо, по состанокот рече дека со 15 компании кои се корисници во технолошко индустриските развојни зони разговарале и споделиле кои се последните законски измени, начинот на олеснување на влез и излез во зоните, олеснување на царинските процедури, за некои од потребите на компаниите од гледна точка на структурата на работната сила,  како и начинот на кој ќе се подобри соработката за домашните компании.

Вакви состаноци се одржуваат најмалку еднаш квартално

Минатата година вкупната соработка беше во вредност од околу 46 милиони евра, но се разговараше на кој начин може да се подобри таа соработка и да се зголемат тие средства за извоз на домашни стоки и услуги кон овие компании, истакна Мизо, додавајќи дека компаниите дале дополнителни идеи и забелешки како да се подобри целосното работење во зоните.

Вакви средби, продолжи тој, се одржуваат најмалку еднаш квартално и претставуваат продолжување на состаноците во економскиот совет каде се разговара за потребите и коментарите од овие компании за подобрување на бизнис климата и за дејствувањето на компаниите во Македонија, што би го подобрило нивното производство и би ги олесниле процедурите поврзани со нивното работење.

На состанокот присуствуваа претставници на компани од двете зони во Скопје, од зоните во Тетово, Кичево, Охрид, Прилеп, Штип и Струмица.

Компаниите задоволни од условите во Македонија

Аврам Стојчевски од „Ванхул“, најави дека во периодот што следи заедно и со помош на Владата, ќе отворат тренинг центар за вештини кои оваа индустрија ги побарува, а што ќе можат да го користат сите компании во Македонија.

На новинарско прашање со колку домашни компании соработува „Ванхол“, Стојчевски, изјави дека тие соработуваат со преку 150 домашни компании, кои освен услуги и материјал, обезбедуваат и репроматеријали.

Богдан Петрута од „Ки Сејфти Системс“, кој прв пат присуствува на ваков состанок, рече дека било разговарано за законските измени и подобрувања што ќе бидат применети во зоните, како и дека размениле голем број искуства со останатите колеги.

Јури Маклаков од „Костал Македонија“ рече дека иако компанијата е присутна во Македонија од ноември минатата година  е многу задоволна од досегашниот развој на работите во Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.