Мизо: Сопственикот на „Техникал текстил“ сака да инвестира и во земјоделството

Германската компанија „Техникал текстил“ ја избра Македонија како дестинација за инвестирање, во конкуренција со Абу Даби. Оваа компанија донесе одлука за инвестирање во ТИРЗ Штип. Ќе изградат фабрика вредна 12 милиони евра во првата фаза и ќе отворат од 500 до 600 нови работни места.

Директор на ТИРЗ, Виктор Мизо во гостување на вестите на Канал 5, изјави дека Македонија победила во директна конкуренција со Абу Даби. Германската компанија порано имала инвестиции во различни сектори во Емиратите, претежно во Дубаи, но планирале нова слободна економска зона во Абу Даби, да инвестираат токму во она што сега се планира да се направи во Штип.

„Повеќе од две години во Абу Даби не успеале да добијат градежна дозвола, локацијата која првобитно ја избрале била изменета и променета за некоја друга локација, по што инвеститорот размислувал за друга посоодветна локација наместо Абу Даби. Македонија беше избрана во конкуренција на многу земји од ЈИЕ“, вели Мизо.

Директорот на ТИРЗ посочи дека сопственикот на германската компанија се информирал за можностите за странците што ги нуди Владата, преку престижен германски весник.

„Тој летал од Виена за Дубаи пред околу два ипол месеци и случајно во авионот го читал германскиот весник „Ханделсблат“, тоа е најпрестижниот германски финансиски весник, слично на „Волстрит Журнал“ или на „Фајненшл Тајмс“. Во самиот весник постоела некоја анализа за земји во ЈИЕ, каде што тој ги видел поволностите кои ги нуди Македонија и она што значи 10 отсто данок, но истовремено дека во ТИРЗ се добиваат дополнителни поволности и неплаќање на данок во период од 10 години. Четири дена по враќањето од Дубаи тој дојде тука кај нас да праша, да ги добие сите тие информации директно. Се одлучи за Штип, зошто во Штип е најсоодветниот вид на работна сила, но истовремено, најбрзо би можела фабриката таму да стартува“, рече Мизо.

Иако името на компанијата е „Техникал Текстил“, значи технички текстил, во реалноста компанијата произведува фиберглас, кој има многу широка употреба во автомобилската индустрија, авионската, производство на ветерници и производство на бродови, истовремено производство на изолациони материјали во градежната индустрија.

„Тоа ќе биде првата фаза на неговото производство, а потоа ќе произведува специјални изолациони материјали од фиберглас кои имаат карактеристики да издржат многу високи температури и тука ќе се користат за обвиткување на катализатори и издувни системи во автомобилската индустрија“, изјави директорот на ТИРЗ

Како што потенцираше Мизо, сопственикот на фирмата информирал дека освен оваа компанија, тој е заинтересиран и за други видови на инвестиции и во земјоделството, производство и пласман на јаболка на европските пазари, но истовремено и производство на грозје и вино.