Мизо: Странските инвестиции се позитивен сигнал за Македонија

Во Македонија има сè повеќе странски инвестиции, а една од нив е и новата фабрика на „Џонсон Контролс“ во Струмица, што започна да се гради денеска. На оваа тема Телевизија Нова разговараше со директорот на технолошко индустриските развојни зони Виктор Мизо.

Ова навистина е еден позитивен сигнал, со оглед на тоа што две компании кои што веќе работеа во Македонија, одлучија повторно да ја изберат земјава за своите идни инвестиции. Една од нив е Ван Хoл, која го дуплира производствениот капацитет што значи дека од некаде 2018 година околу 1.000 автобуси годишно ќе се произведуваат во Македонија, вели Мизо.

Во однос на инвестицијата од Џонсон Контролс, директорот на ТИРЗ  истакна дека го радува фактот што странските инвестиции не се реализираат само во Скопје, туку и низ други градови во земјава.

По трет пат започнуваме со инвестиција на Џонсон Контролс во трета различна економска зона. Најпрво тоа беше Скопје, Штип, па сега и Струмица. До сега во Струмица  немаше сличен голем странски инвеститор и ме радува фактот што не само во Скопје, туку и во други делови од Македонија, се повеќе странски инвеститори одлучуваат да го лоцираат производството токму тука, додаде Мизо.

Тој потсети дека во моментов во Бунарџик освен „Ван Хол“ се градат две други фабрики, „Хај Тек“ и „Гес“, потоа во Штип, „Кондево“ го завршува производствениот капацитет, што значи дека ќе бидат целосно завршени за два месеци.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.