МКЦ доби лифт за лицата со посебни потреби

Градоначалникот Коце Трајановски и директорот на Младинскиот културен Центар-Скопје, Златко Стевковски, денеска во фоајето на МКЦ на лицата со посебни потреби им го предадоа во употреба новиот лифт.

– Ова е трет ваков лифт кој Градот го изгради за потребите на лицата со посебни потреби. Имено, во насока на остварување социјална заштита на лицата со посебни потреби, односно подобрување на квалитетот на нивното живеење и создавање услови за независен живот, градот во 2010 година ја постави лифтовската платформа за лица со посебни потреби, во СУГС “Михајло Пупин“. Градот создаде услови за вклучување на лицата со посебни потреби во воспитно образовниот процес на тој начин што училиштата ги направи достапни за сите ученици во Скопје, но и за оние што доаѓаат да учат во Скопје од другите градови на Републиката. Исто така, во почетокот на 2014 година, Градот ги постави лифтот и лифтовската платформа за лицата со посебни потреби, сегашни и идни ученици во градското средно училиште „Арсени Јовков“, со што се придонесе за овозможување на непречено следење на наставата во оваа образовна институција. Ова е само уште една потврда дека градот е можеби и единствената институција која има изградено толкав број лифтови наменети за лицата со посебни потреби, институција која неуморно работи во насока на олеснување на нивниот живот.  И во иднина, политиката на Градот Скопје ќе биде унапредување на остварувањето на правото на пристапност на лицата со посебни потреби. Создавање услови за нивно вклучување во општествените текови и непречено следење на образовната настава и културно забавниот живот, како и спортските настани во градот. Доказ за тоа е дека во 2014 година, за оваа намена, во Буџетот на Град Скопје и во Програмата за социјална заштита се предвидени 4. 000. 000,00 денари, истакна градоначалникот Трајановски.

Директорот Стевковски, се заблагодари за реализацијата на овој проект и изрази задоволство што од сега па натаму и лицата со посебни потреби ќе можат да следат повеќе од стотина културни манифестации, што се дел од годишната програма на МКЦ.

Програмата на Градот Скопје за овозможување поголема пристапност за лицата со посебни потреби, до институциите во градот, е развојна. Почнувајќи од 2007 година па досега, Градот Скопје изгради 18 пристапни рампи за лицата со посебни потреби во 12 средни училишта кои се во негова надлежност, како и 5 пристапни рампи на влезовите и други поважни приоди на 5 градски културни институции.

На овој начин, се реализирааше приоритетот на Градот Скопје во поглед на подобрување на пристапноста, олеснување на движењето и комуникацијата во урбаната заедница на лицата со посебни потреби.

Идејното решение за лифтовската платформа го подготвија професори од Машинскиот и од Архитектонскиот факултет од Скопје, а за оваа намена од Буџетот на Град Скопје за 2014 година, се издвоени 1.907.234,00 денари.