Младата Човиќ ќе ја замени Фернандес

Најдефицитарната позиција сезонава кај вардарки беше онаа на линијата од шест метри, особено по повредата на Шпанката Бегоња Фернандес. Сега клубот реши истата да ја засили, и тоа со младата хрватска ракометарка Андреа Човиќ (21).

Досегашната членка на Подравка, која викендов го освои Купот на Хрватска и беше прогласена за најдобар играч, притоа постигнувајќи и 10 гола, реши да ја прифати понудата од Скопје и да се приклучи на моќниот тим на Вардар, каде веќе има повеќе млади ракометарки со голем потенцијал пред себе.

Од македонскиот првак потврдуваат и дека Шпанката Бегоња Фернандез на крајот од сезонава заминува, бидејќи ѝ завршува договорот. На пикерската позиција треба да останат Ања Алтхаус и Ивана Гакидова.

Човиќ е родена во Сињ на 9 октомври 1993 година, а од 2008 година е дел на тимот од Копривница. Ги мина сите младински селекции на Хрватска, а сега е на списокот на селекторот Горан Мрѓан и во сениорската репрезентација.

Освен титулите и куп трофеите со Подравка во првенството на Хрватска, Човиќ од 2009 година игра и во Лигата на шампионите. Сезонава постигна 12 гола, а најмногу 5 токму против Вардар во Скопје.

Во 2008 година со кадетската репрезентација на Хрватска го освои златниот медал од Медитеранските игри. Со сениорките има и бронзен медал од Медитеранските игри во Мерсин, во 2013. Беше и на поширокиот список за ЕП 2014 година.

Квалитетот на Човиќ беше препознаен и од страна на ЕХФ, во 2013 година, кога беше номинирана за најдобра млада ракометарка во Европа.

Извор: Спортмедиа.мк