Млади пијани скопјани ограбиле книжара

Пет млади скопјани кои под дејство на алкохол ограбиле книжара се приведени од страна на полицијата.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, приведени се Е.И. (24), Н.К. (30), Е.Е. (31), М.Ј. (20) и С.С. (15) сите од Скопје бидејќи извршиле тешка кражба.

Пред два дена, петте лица во алкохолизирана состојба, отишле на булевар Александар Македонски  во книжарата „КВАНТ“, сопственост на 56-годишниот Д.С. од Скопје, каде што првопријавениот насилно со употреба на погоден предмет или алат го скршил катанецот од заштитната решетка, по што го скршиле изложното стакло. И додека Е.И. и М.Ј. стоеле пред книжарницата, останатите влегле и одзеле поголема количина цигари и други производи. Откако ги ставиле предметите во кеси и тргнале пешки, истите биле забелажани од полициски „Алфи“, по што се легитимирани и приведени во полициска станица, каде со истите се извршени разговори и во целост го појасниле начинот на извршување на кривичното дело.

Полицијата соопшти дека Е.И. и М.Ј. им е одредена мерка притвор во трање од осум дена, Н.К. и Е.Е. се вратени на издржување казна во КПД Идризово, додека малолетната С.С. заедно со нејзината мајка ќе биде однесена кај Јавен обвинител.

Инаку, Е.И., Н.К. и Е.Е. се регистрирани сторители на имотни деликти, за што им се поднесени вкупно 214 кривични пријави, за извршени 1082 кривични дела во временски период од 1999 – 2005 година. За сторените кривични дела од надлежен суд им се изречени вкупно 52 казни затвор, две условни осуди, една мерка малолетнички затвор и една мерка упатување во воспитно поправен дом.