Младински „Воз на солидарноста“ за поплавените во Пелагонија

Група младинци, кои редовно ја користат можноста за бесплатен железнички превоз на млади на возраст до 27 години за шетање, запознавање и уживање во Македонија, овој трет викенд од февруари се решија да организираат патување со цел да се достави помош на настраданите во поплавите.

Разгледувајќи каде сѐ поминува железничката пруга низ поплавените региони, оваа група млади реши самоиницијативно да организира акција насловена како „Воз на солидарноста“ за доставување на помош во селото Вашарејца и околните населени места во Општина Могила во Пелагонија.

Оваа група младинци собрани под името „Единствена Македонија“ во текот на две недели  собираше најразновидна помош како средства за хигиена, прехранбени производи, флаширана вода во буренца, нова детска облека, училиштен прибор од свои лични средства и  донации од другари, пријатели, своите и други семејства, црковни храмови и обични граѓани  кои сакаа да помогнат.

Пакувајќи десетина поголеми пакети и ранци вчера две девојки и шест момчиња заминаа со возот за Битола кон настраданите подрачја од поплавата во Пелагонија.

– По претходен договор, на железничкото стојалиште во Лознани, со својот камион не пречека нашиот домаќин Добре Мијајлевски, жител на селото Вашарејца, кој ни помогна во доставувањето на помошта до најпогодените домаќнства. Натоварувајќи ја сета помош во неговото „тамче“ започна нашата прошетка до домовите на најзагрозените и најпогодените семејства во Вашарејца. Беа посетени повеќе од десетина најзагрозени семејства на кои има беше доставен доброволниот прилог од вода, срества за хигиена и прехранбени производи. Двочасовната прошетка за доставување на помош помина во незаборавно убаво расположение исполнето со дружење, пријателски насмевки и пријатни разговори со жителите на Вашарејца, велат младите.

По доставувањето на целата собрана помош, како што вообичаено правиме на прошетките за запознавање и уживање во Македонија, со нашите домаќини и мештани, посочија, беше посетена старата селска црква „Св. Ѓорѓи“ со многу убав и занимлив фрескоживопис од средината на XIX век. Прошетката во која бевме придружувани од најмладите жители на Вашарејца продолжи до новоподигнатиот селски крст, завршувајќи со посета на соседното село Ивањевци каде во пријателско расположение и седенка беше оставена и подарена збирка со податоци за географските одлики, настанокот, историјата и потеклото на населението на селата во Општина Могила.

Со срца преполни со радост и среќа од дружењето со прекрасните жители на Вашарејца и Ивањевци, велат тие, си заминавме со попладневниот воз кон Прилеп и Скопје, со ветување дека повторно ќе дојдат во посета и дружба на своите нови пријатели и воедно секогаш ќе бидат спремни повторно да дојдат и помогнат во било какви времиња и услови.

Фото: МИА