Младиот брат на терористот Абделхамид Абауд во „одмазнички“ пат кон Европа

Јунес Анауд, младиот брат на терорстиот Абделхамид Абауд, кој е организатор на нападите од 13 ноември во Париз, е на пат кон Европа „за да го одмазди“.

Како што јави дописникот на МИА од Париз, ваквите сознанија произлегуваат од телефонски разговори кои биле пресретнати од европските полиции.

Првично се тврдеше дека Јунес Абауд бил убиен на почетокот на февруари, но според полициите кои се на негова трага, тој е жив, пишува „Пари Мач“, според кој, Интерпол пресретнал телефонски разговор меѓу 15-годишниот џихадист и неговата сестра која живее во Белгија.

Тој наводно бил на пат кон Европа „за да го одмазди својот брат“. Јунес Абауд имаше само 13 години, кога и се приклучил на Исламската држава во јануари 2014 година, заедно со неговиот постар брат Абделхамид со кого заминаа во Сирија.

Набрзо, двајцата Белгијци се приклучиле кон групата Катиба Ал-Батар (Мечот на пророкот), предводена од Либијци, и на социјалните мрежи беа забележани со нивните ужасни видеа и фотографии. Младиот Абауд беше претставуван како најмлад странски џихадист во терористичката организација и беше нарекуван „Лавчето на калифатот“.

Според Интерпол, Јунес Абауд неодамна бил забележан од белгиските истражни органи во Саудиска Арабија во придружба на други лица кои не се идентификувани.

Во документот на Интерпол се наведуваат податоци за телефонски повик до неговата сестра на 18 февруари 2016 од Џеда, во кој тој вели дека „доаѓа за десет часови“.

Но, барем засега европските полиции не му влегле во трагата и не знаат дали тој приситгнал во Европа со лажен идентитет со бранот бегалци.

Најавата за неговата смрт е тактика која ја користи Исламската држава, за да им овозможи на своите џихадисти да користат друг идентитет и да приситгнат во Европа.