Магазин

Младиот индиски поет Сонет Мондал на „Струшките вечери на поезијата“

Младиот индиски поет Сонет Мондал на „Струшките вечери на поезијата“

На овогодишните „Струшки вечери на поезијата“ ќе учествува еден од најафирмираните помлади индиски поети и голем пријател на македонската литература и култура, Сонет Мондал.

Сонет Мондал е автор на 6 поетски книги и на повеќе есеи објавени во индиската и светската книжевна периодика, а неговата поезија е преведена на десетина јазици и објавена е во над 180 литературни и универзитетски списанија, како што се списанијата на Универзитетот Њукасл (Велика Британија), Универзитетот Арканзас, Универзитетот Висконсин, Универзитетот Хјустон, Државниот универзитет Јангстаун (САД), Стокхолмскиот универзитет (Шведска) итн.

Како исклучително поетско достигнување на Сонет Мондал се издвојува неговата инвенција на фузиран сонет од 21 стих со посебна ритмичка и еуфониска композиција и тоа е одбележано во Индиската книга на особени достигнувања, а избрани сонети беа објавени во антологијата на светската поезија „Други гласови“ поддржана од УНЕСКО, како и во македонското списание „Стремеж“ препеани на македонски јазик од проф. д-р Зоран Анчевски.

Сонет Мондал има добиено неколку индиски и меѓународни награди и признанија, како „Поет лауреат“ на шведскиот издавач за млади автори „Бомбадил паблишинг“, меѓународната награда „Азсакра“ на ревијата „Таџ Махал“, признанието за врвни поетски достигнувања на Интернационалниот центар за поезија, превод и книжевни проучувања од Кина, а прогласен е и за почесен доктор на науки по книжевност од Обединетата писателска асоцијација од Ченај, Индија.

Главен уредник е на водечката индиска електронска книжевна ревија „Инчентин версис“ (The Enchanting Verses) што излегува на англиски јазик и има светска читателска публика, а во секој нов број е одвоен загарантиран простор за претставување на еден македонски поет со што се придонесува за поширока афирмација на нашата литература (до сега беа претставени: акад. Матеја Матевски, Весна Ацевска, Бранко Цветкоски, Славе Ѓорго Димоски, Владимир Мартиновски, Маја Апостолоска, Тодор Чаловски, акад. Ристо Василевски и др.).