Младите имаат уникатна можност да дојдат до свој сопствен дом

Општините подготвени за проектот

7.640 локации во околу 50 општини се наменети за проектот „Купи куќа за млади“. Градоначалниците веќе понудиле парцели наменети за овој проект и ќе градат типски населби. Очекуваат бројката да расте, како и интересот од страна на граѓаните.

Од Министерството за транспорт и врски велат дека освен постојните шест, на граѓаните ќе им се понудат нови бесплатни проекти за куќи со кои ќе им се обезбеди поголем избор. Квадратурата на понудените типски куќи е од 50 до 200 квадрати.

Во населбата типската населба „Градина“ во Прилеп кај некогашните оранжерии има на располагање 370 плацеви кои младите може да ги искористат преку владиниот проект „Купи куќа за млади“ и да ги искористат поволностите што се нудат со проектот. Проектот „Купи куќа за млади“ беше претставен и пред младите во Крушево и Македонски Брод. Во Крушево се нудат 40, а во Македонски брод 130 плацеви. Во Валандово ќе се прави типска населба со 100 куќи, во Илинден се планирани 850 парцели во населбата Јака и дополнителни 150 во близина на Ајватовци.

Според претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, проектот „Купи куќа за млади“ е одлична можност младите да дојдат до сопствен дом преку поволни услови.

Ова е можност за полесно да се дојде до сопствен дом, изградба на своја куќа под екстра поволни услови во кои, според едниот модел од овој проект, државата отплаќа 80% од месечната рата за кредитот, вели Груевски.

Вистинско време за инвестиција во иднината

Според банкарите и градежниците, со државната поддршка, младите полесно ќе дојдат до сопствен дом. Сега е вистинско време за инвестиција во иднината, велат тие.

Во банката постојано се обраќаат клиенти со цел потемелно да се информираат околу деталите за овој проект. Досега имаме примено десетина барања за субвенциониран станбен кредит од оваа програма и интересот е голем, објаснува банкарот Драган Михајлов.

И градежниците велат дека интересот за проектот постојано расте.

Бевме затечени од големиот интерес и ги вложуваме сите напори да ги примиме сите заинтересирани лица, да ги опслужиме, да ги испратиме до банките за да можат да аплицираат за кредити, вели Роберт Хот, сопственик на градежна компанија.

Со проектот, според надлежните, се овозможува надминување на препреките со кои се соочуваат оние кои имаат потреба од свој дом.