Младите кошаркари подобри и од Романија

Кадетската кошаркарска репрезентација на Македонија ќе се бори за медал и влез во А-дивизија, откако на Европското првенство (У 16) Б-дивизија во Сараево, Босна и Херцеговина, се пласира во полуфиналето со тежок триумф над Романија 71:74 (25:18; 17:15; 10:15 и 22:23).

Избраниците на селекторот Александар Јованчев имаа водство во текот на целиот натпревар, иако ги загубивме двете последни четвртини, по 42:33 на полувреме. Во последната минута Македонија имаше шест поени разлика- 72:66, но противникот постигна пет поени во низа на 26 секунди пред крајот. На 6 секунди пред крајот Марко Миловановиќ релизираше две слободни фрлања што беше доволно за победа.

Најдобар во триумфот беше Марко Миловановиќ со „дабл-дабл“ од 21 поен и 12 скока, а го следеше Богдан Мирковски, исто така со „дабл-дабл“ (17п, 11ск). Одличен беше и Андреј Андоноски со 16 поени.

Ова беше петта победа во низа за нашите кошаркари на првенството, по поразот од Русија, која утре против Чешка ќе се бори за финале. Во второто полуфинале Македонија ќе игра со домаќинот Босна и Херцеговина. Со евентуален пласман во финалето, нашите кадети ќе обезбедат и место во А-дивизијата, но шансите не се загубени и со пораз, затоа што и третото место на континенталниот собир носи пласман во елитната дивизија.