Младите од Тиквешко заинтересирани за земјоделски грантови

Голем е интересот на млади од Тиквешко за аплицирање за финансиска поддршка во земјоделството со грант од неповратни 10 илјади евра, информира Ѓорѓи Ајтов, раководител на работната единица на Агенцијата за поттикнување на развојот во земјоделството од Неготино.

„ Аплицирањето трае до крајот на овој месец, а вреди да се нагласи дека постои голема заинтересираност кај млади од општините Кавадарци, Неготино, Росоман и Демир Капија. На сите оние кои подигнаа соодветна документација за аплицирање им појаснуваме дека треба да се под 40-годишна возраст и да се носители на семејно земјоделско стопанство во период до 18 месеци“, вели Ајтов, за МИА

Тој додава дека во работната единица на Агенцијата исто така постои голем интерес за користење на финансиска поддршка од страна на земјоделците при подигање на млади лозови или овошни насади, но и при инвестирање во сточарство или пчеларство. Земјоделците чии апликации ќе бидат одобрени, ќе добијат половина од вложените средства.