Македонија

Младите од ВМРО-ДПМНЕ се „избањаа“ во неизградениот базен во Куманово

Младите од ВМРО-ДПМНЕ се „избањаа“ во неизградениот базен во Куманово

Членови на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ денеска во бањарки, гуми за пливање, очила за вода и топки, се пошегуваа со локалната власт покажувајќи дека наводно се капат во неизградениот Градски базен, пренесува Кумановоњуз.

Целта на оваа пародија, како што рекоа, е да го потсетат градоначалникот Зоран Дамјановски на даденото ветување дека базенот ќе биде пуштен во употреба на есен 2013 година, а сеуште не е изграден ни до половина.

„Базенот кој првично требаше да чини 1,8 милиони евра, се искачи на 2,2 милиони евра, за да во екот на минатогодишните локални избори градоначалникот гордо изјави дека изградбата на базенот ќе чини цели 150 милиони денари или скоро 2,5 милиони евра. Базенот не е ни до половина со изградбата, а го ветува години наназад. Куманово освен базени по улиците кои се прават после секој дожд, поради огромните раскопани дупки, неасфалтираните улици и нерешената атмосферска канализација, други базени нема“,  изјави Срѓан Ивановски, претседател на УМС на ВМРО – ДПМНЕ Куманово.

Јавно го повикаа градоначалникот да одговори зошто е запрено градењето на базенот, до кога цената за изградба ќе расте и зошто воопшто дава ветувања кои не може да ги исполни. Од УМС обвинуваат дека Дамјановски и во третиот мандат продолжува со истото темпо на нереализирани проекти.