Младите ракометари сигурни против Бразил изборија осминафинале на СП

Со сигурната победа над Бразил со 28:23 (14:11), младинската ракометсна селекција на Македонија се пласираше во осминафиналето на Светското првенство за ракометари до 21 година во Алжир.

Цврстата одбрана и храбрата и пожртвувана игра во нападот на македонските ракометари им донесе победа против Бразил во решавачкиот последен натпревар од групната фаза и остварување на посакуваната цел, пласманот меѓу најдобрите 16 селекции на младинскиот мундијал.

Со третата победа во групната фаза, Македонија заврши на втората позиција во групата Ц и во осминафиналето на СП ќе игра против третопласираната репрезентација од групата Д, Алжир или Аргентина.

Во прилог на македонската селекција одеше и поразот на Тунис од Шпанија (21:25), по кој Тунис остана со 5 бода на третото место, а Македонија со еден бод повеќе заврши на втората позиција зад Шпанија. Четвртиот осминафиналист од групата Ц е селекцијата на Русија, а без плсман во елиминаторната фаза останаа Бразил и Буркина Фасо.

Македонските млади ракометари максимално ангажирно влегоа во дуелот, решени да не ја испуштат историската шанса за осминафинале. Капитенот Филип Талески го постигна првиот гол, а Мице Шилегов погоди за почетно водство од 2:0. Сигурната игра во нападот беше дополнета и со цврста одбрана со повремено истурениот Талески што ги деконцентрираше Бразилците кои во текот на целото прво полувреме бркаа резултат, но ниеднаш не дојдоа во водство. Македонија направи мини серија со играч помалку кога Филип Кузмановски беше исклучен на две минути, Марко Нелоски погоди за 9:8, потоа Мартин Томовски одбрани зицер, а Мартин Велковски првпат донесе прдност од два гола разлика (10:8). Кузмановски го заработе и второто исклучување на осум минути пред крај на првиоѕт дел, но за среќа тоа не ја наруши сигурната игра на македонскиот состав. Одново Велковски беше прецизен и со својот четврти погодок зголеми на 12:9 во 25 минута. Македонија дојде до највисоки четири гола предност (14:10), а откако Бразлиците беа прецизни, на одмор се отиде со три гола предност.

На самиот почеток од второто полувреме Талески ја врати преноста од плус 4 (15:11). Но следуваше серија грешки и брзоплетост во нападот, што му овозможи на Бразил серија од 3:0 и намалување на резултатот на 15:14, а потоа и на 17:16 по првите десет минути од второто полувреме.

Македонските ракометари го издржаа притисокот од Бразил и со рационална и стрплива игра во нападот повторно ја зголемија предноста кога Велковски постигна два гола во серија за водство од 20:17 на последните 15 минути од мечот. Но, Бразилците и тогаш не се предадоа и дојдоа до израмнување на 21:21 на десет минути пред крај, а веќе во следниот напад дојдоа и до првото водство (21:22) внесувајќи неизвесност во финишот на натпреварот.

Талески донесе ново израмнување, а потоа и ново водство со 23:22 на шест минути пред крај. Никола Даниловски ја имаше можеби и клучната одбрана на овој натпревар, а Филип Кузмановски тоа го ефектуираше со ефектен погодок за водство од 24:22, а Шилегов зголеми на 25:22 за поголема сигурност во завршните три минути. Шилегов стави точка на овој историски натпревар за младите македонски ракометари за конечните 28:23.

Филип Талески го предводеше нападот на македонската репрезентација со седум погодоци, одлична партија и шест гола во мрежата на Бразил запиша Мартин Велковски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.