недела, 11 декември 2016  |  Вести денес: 0

Младите земјоделци се борат против климатските промени

Помладите земјоделци се заинтересирани за користење на мерките за адаптација кон климатските промени и делуваат проактивно во оваа насока, додека постарите даваат своевиден отпор, сметајќи дека инвестицијата во потребната технологија ќе ја зголеми цената на крајниот производ, беше речено на денешниот промотивен настан од проектот „Локална акција за глобална климатска адаптација“.

112255896

Поврзани вести

Според Кирил Ристовски од Центарот за еколошка демократија „Флорозон“, ставовите полека се менуваат, но со претходно детално објаснување за тоа што значи примената на новата технологија.

– Неопходно е да се усвои програма за едукација на земјоделците за поефикасно користење на расположливите мерки што ги нуди државата за да се излезе во пресрет на проблемите во производството предизвикани од климатските промени, изјави Ристовски.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков нагласи дека се преземаат конкретни мерки за справување со климатските промени и активностите во оваа насока не престануваат.

– Како резултат на климатските промени, во Македонија изминатите неколку години речиси не можат да се разграничат четирите годишни времиња и од тие причини земјоделците не можат да се снајдат најдобро. Со помош на Светска банка изготвивме студија за следните пет децении. Анализите покажуваат дека просечната температура ќе се зголеми до два степена, во едни региони ќе има обилни врнежи, а во други суши, истакна Цветков.

Во тек е изработка на нов проект финансиран од ФАО кој треба да ги дефинира мерките за заштита и да ги зајакне капацитетите на УХМР зашто навремените предупредувачки информации, напомена министерот, се клучни за земјоделците.

– Посебно внимание ќе се посвети на Агенцијата за развој на земјоделството, ќе се држат обуки за земјоделците со оглед дека се скептични околу оваа проблематика. Треба да им укажеме дека ако не ги преземеме неопходните мерки, ќе има проблеми, потенцира Цветков.

Во однос на конкретно преземените мерки, досега се изградени нови системи за наводнување и се рехабилитирани постоечките, а со грант од Германската влада вреден 300.000 евра ќе се изготвува студија за поврзување на браната Коњско со овие системи.

– Ќе се воведуваат и нови мерки. Предвидуваме од идната година системите „капка по капка“ да се финансираат 80 отсто, донесовме десетгодишна програма за изградба на нови брани како онаа во Кочанско чија изградба треба да стартува идниот месец, изработени се и проектите за Липково, Тетово, Полошко,… информира министерот.

Дел од мерките се фокусирани и на осигурувањето на земјоделските површини.

Проектот „Локална акција за глобална климатска адаптација“ на „Флорозон“ е финансиски поддржан од Амбасадата на Германија во Скопје, а се организира како дел од националната кампања за адаптација на земјоделството кон климатските промени. Целта на кампањата е да се информира јавноста за негативните ефекти од климатските промени, а таргет група се земјоделците. Тие да се запознаат со мерките за адаптација кон климатските промени.  За потребите на кампањата е организиран караван кој ќе посети девет поголеми градови низ Македонија. Кампањата се состои од две компоненти: комуникација со пошироката јавност и со таргет групата, земјоделците.

– Овој проект е само еден чекор напред. Постојано разговараме и за други можни проекти зашто климатски промени се исклучително важна тема која ги тангира сите. Поврзани се и со миграцијата и со безбедноста, а посебно се значајни за земјоделството. Навистина сме подготвени да бидеме активни на ова поле, изјави амбасадорката на Германија Христине Алтхаузер, изразувајќи задоволство што нејзината земја во Македонија досега има поддржано два проекта.

Германија има т.н. Климатски фонд за оваа намена, а идејата е пред се да се подигне свеста за животната средина и за климатските промени.

Најчитани вести