ММФ: Грчкиот долг е неодржлив

Наспроти поволното финансирање на примарниот сектор и натамошните реформски планови,  долгот на Грција се очекува да остане исклучително неодржлив, се вели во предлог-меморандумот меѓу грчката Влада и ММФ, пренесува МИА.

Како што објави интернет порталот „Њуз.ин“, во документот се посочува дека за враќање на одржливоста на долгот и на реформските напори, од суштинско значење за понатамошна одржливост на долгот ќе бидат активностите на европските партнери.

Фондот прогнозира дека Грција оваа година ќе има примарен дефицит од 0,5 отсто, во 2017 вишок од 0,25 проценти, а во 2018 година примарен суфицит од 1,5 отсто.

ММФ очекува просечна стапка на раст на Грција да биде 1,25 отсто на среднорочен план, процент кој е понизок од претходните проценки на институцијата.

Во предлог-меморандумот се наведува и дека поставените цели, кои се дефинирани како „амбициозни, но реални“, би можеле да бидат спроведени со прилагодување на мерките, со кои треба да се заштедат 2,5 проценти од БДП до 2018 година.

Меѓу овие мерки се и реформите кои се однесуваат на системот на пензиско осигурување, данокот на доход, ДДВ-то и платите во јавниот сектор.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.