ММФ ја намали прогнозата за економскиот раст на Македонија

По неодамнешните проекции на Светската банка, во вторникот и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја намали прогнозата за економскиот раст за Македонија на 2,8 отсто, наместо првичната процена кога ММФ очекуваше раст 3,2 проценти.

За следната година, Фондот предвидува дека земјава ќе достигне стапка на раст од 3 проценти. Оваа година стапката на инфлација во Македонија ќе биде 1,8 отсто и таа ќе остане стабилна се до 2023 година, кога се очекува да порасне на 2 проценти.

Неодамна и Светска банка ја намали прогнозата за растот на економијата во Македонија на 2,3 отсто, во споредба со претходно очекуваните 3,2 проценти.

Од македонската Владата неколкупати досега тврдеа дека голема е веројатноста стапката на раст од 3,2 отсто која е проектирана и во буџетот да се оствари, што ќе биде поткрепено и со мерки за финансиска поддршка на компаниите.

Фондот ја задржа прогнозата за глобалниот економски раст за оваа и идната година на 3,9 отсто, што ќе биде најбрз раст на светската економија од 2011 година.

Оваа прогноза Фондот ја базира на континуираните силни перформанси во еврозоната, Јапонија, Кина и САД, кои пораснаа над очекувањата. Се проектираат и краткорочни подобрувања за неколку други пазари и економии во развој, вклучително и закрепнување на извозниците, растот на инвестициите и трговијата.