Многу прашина за ништо или тендерот и сега не го добија нашите

Деновиве сме сведоци на дискусии, многу морализирање, многу полемики околу тендерот распишан за ископ од страна на ЕЛЕМ, што согласно законските одредби, на електронско јавно, негативно наддавање бил доделен на фирмата „Трансмет“ на Сеад Кочан.

Да потсетиме, против фирмата и нејзиниот веќе екс управител Сеад Кочан, се водеше истрага од СЈО и покренато е обвинение, според кое постои основано сомнение дека тие заедно со уште три фирми добиле тендер тежок преку 17 милиони евра, учествувајќи на тендерот со фалсификувана документација. Сепак, сметката на „Трансмет“ не е блокирана од судот, а ниту во судска постапка не и е изречена заштитна мерка на фирмата, со која таа би имало правни пречки да учествува на распишани тендери.

Зошто е тоа така, веројатно во судот најдобро знаат, но фактите се тие и такви се.

Согласно Законот за јавни набавки, секој правен субјект, без исклучок, која ги исполнува бараните критериуми и услови за учество на тендер, има загарантирано право да учествува на јавно распишан тендер под исти услови и со еднакви шанси со сите останати кои дале свои понуди и при тоа да се надева дека ќе го добие тендерот.

Со еден збор се работи за правно, а не за етичко прашање.

Тоа што ЕЛЕМ е државна фирма не менува ништо, таа има обврска како и сите други да ги почитува одредбите на Законот за јавни набавки. Со еден збор, нема простор за морализирање, и етичко надмудрување, реторички може да се говори до недоглед, но правото е право и во таа насока мора да се почитуваат законите.

„Трансмет“ е акционерско друштво и до сега судот му нема изречено никаква заштитна мерка, ниту му ја има блокирано сметката, што би била правна пречка „Трансмет“ да се јави на распишаниот тендер. Тоа што во тек е истражна постапка и има обвинение против Сеад Кочан, без конечна судска разврска и без каква и да е правна пречка „Трансмет“ да се појави на распишан тендер, не е ништо друго освен повреда на принципот на презумпција на невиноста и директна интервенција на политиката во сферата на почитувањето на законот за јавни набавки, што значи и кршење на принципот на владеење на правото подеднакво за сите и фаворизирање на некоја друга фирма, претпоставено, блиска на актуелната власт.

Но, законот е закон, правото е право и понудувачот на најниската цена го добива тендерот, во случајов фирмата „Трансмет“.

Под претпоставка, од етички причини „Трансмет“ да не го добил тендерот, ќе се жали до второстепената комисија, која нема ниту право, ниту можност да ја цени етичноста на одлуката на ЕЛЕМ, туку ќе постапува по закон, ќе ја поништи одлуката и тендерот пак ќе го добие „Трансмет“. Од овие причини и не ми е јасно зошто толку врева околу прашање кое законот од дамна го има апсолвирано. Се разбира дека ЕЛЕМ може да ја провери целокупната барана документација на „Трансмет“ и нејзината валидност, но доколку се констатира дека се’ е во рамките на законот, тогаш нема причина тендерот да не го добие таа фирма.

Многу врева околу ископот што до сега е вршен, при што се апострофира дека во одредени периоди истата работа се извршувала за триипол пати повисока цена од понудената на овој тендер. Согласен сум дека таквите апострофирања, упатувааат на заклучок дека станува збор за билдана цена од која и некој друг можеби профитирал со некој процент. Од позиција на граѓанин, лично сметам дека е некоректно да се шпекулира и формира претстава дека се работи за местени коруптивни тендери. Во Република Македонија има надлежни институции, тие се раководени од актуелната позиција, и коректно би било, тие надлежни институции да соберат доволно докази дека станува збор за криминал и сето тоа институционално да го процесуираат, нека го докажат, а одговорните за тоа кривично да одговараат. Вака, со сеење сомнеж без никаква институционална постапка преку која се докажува криминалот, позицијата се однесува како да е опозиција и што е најстрашно, тоа е случај од осамостојувањето на републиката се до денес.

Од тие причини сега кај мене се јавува друг сомнеж и се прашувам кој требаше да го добие тендерот, некоја фирма од „нашите“, блиска на власта?!

Тогаш зошто ни се законите, зошто е правото, а во законот јасно е напишано дека на електронско негативно наддавање, тендерот ќе го добие таа фирма што ќе понуди најниска цена. Ако „Трансмет“ најде свој економски интерес и логика со најниско понудената цена и натаму да врши ископ, тогаш кому и зошто би му пречело тоа, освен што таа фирма не е од „нашите“ и во тие околности никој од власта не може да земе процент.

Да завршам со тоа дека ЕЛЕМ има законска обврска целосно да ја провери целокупната пристигната документација на сите фирми што се јавиле на тендерот пред електронското негативно наддавање и дека доколку нешто не било во ред, веднаш требало да ги елиминираат и ќе немало можност фирма со нецелосна документација да учествува во наддавањето. Тендерската постапка во сите фази не ја водат случајни лица, туку обучени, сертифицирани стручни лица.

Кај мене останува сомнежот дека цела оваа врева се крена заради неуспешниот обид тендерот да се намести и да го добие друга фирма на некој „наш“, близок до власта, што само би ја потврдило онаа народната, симни се Мурто да се качи Курто.

Токму на ваквите примери треба да разбереме колку е значајно и ургентно да бидат воспоставени принципите на владеење на правото подеднакво за сите.

Автор: Воислав Зафировски за НетПрес