Мнозинство Ирци гласаа за легализација на истополовите бракови

Геј браковите во Ирска најверојатно ќе бидат легализирани, според неофицијалните резултати од историскиот референдум, а  лидерот на кампањата против легализацијата на истополовите бракови и директор на католичкиот институт Иона, Дејвид Квин, го призна поразот, пренесува МИА.

Државната телевизија РТЕ објави дека на избирачките места е забележан поголем одѕив, отколку што е вообичаено за референдумите во Ирска. Во некои градови, како што се Даблин, Лимерик и Вотерфорд гласаа и до 60 отсто од избирачите.

Телевизијата јави дека на избирачките места се видени голем број млади избирачи, а оти редовите пред некои избирачки места во текот на раните утрински часови и вечерта биле огромни.

Броењето на гласовите почнало изутрината во девет часот по локално време, а објавувањето на резултатите се очекува во текот на денов.

Квин изјави дека досега преброените гласови покажуваат дека двојно повеќе лица гласале за легализација.

– Мислам дека победи таборот кој се залагаше „за“. Бројот на излезените избирачи бил без преседан, изјави министерот за рамноправност Аодан О’Рирдан во главниот центар за пребројување на гласовите во Даблин.

Легализацијата на геј браковите е огромна промена во оваа традиционална католичка република, каде хомосексуалноста беше нелегална до 1993 година, а абортусот и натаму е забранет, освен во случај кога е загрозен животот на мајката.

Легализацијата ја поддржуваат сите водечки политички партии, додека Католичката црква е против.

На избирачите на референдумот им беше поставено прашање дали сакаат во Уставот да се додаде член кој гласи: „Брак може да склучат две лица во согласност со законот без разлика на нивниот пол“.

Избирачките места беа отворени вчера изутрината во седум часот по локално време, а затворени во 22 часот.