Мнозинството Американци незадоволни од антитерористичката стратегија на Обама

Најновото истражување на Си-Ен-Ен покажува дека мнозинството Американци не се задоволни од антитерористичката стратегија на претседателот Барак Обама.

Дури 74 отсто од учесниците во истражувањето рекле дека не се задоволни од тоа „како напредува државата во војната со теророт“.

Незадоволството кај гласачите на Републиканската партија е уште поголемо и изнесува дури 86 отсто.

Направеното истражување пред крајот на оваа година, доаѓа по безмалку една и пол деценија борба против радикалниот ислам и џихадизмот и по се пораширеното уверување на обичните Американци дека тероризмот им е дојден дома.

Дури 40 отсто од луѓето сметаат дека исламистичкиот тероризам победува, што 17 проценти повеќе во споредба со 2005 година, во екот на војната против теророт, што ја покрена тогашната американска администрација по терористичките напади од 11 септември 2001 година.

Според истражувањето на Си-Ен-Ен, 60 отсто Американци не се задоволни од тоа како Обама и сегашната Администрација се справуваат со териризмот, а 64 проценти не се согласуваат со тоа како САД се справуваат со џихадистите од групата Исламска држава (ИД).

Истражувањето открива дека се повеќе луѓе веруваат оти ИД и терористите победуваат во глобалниот конфликт со САД и нивните сојузници.

Анкетираните Американци сметаат дека ИД нескриено ги проширува своите амбиции за напади и пресметка со Западот, а дека Адмнистрацијата во Вашингтон и претседателот Обама неуспешно се обидуваат да ги уверат оти се подготвени за предизвикот.

Републиканските кандидати за претседателска номинација за изборите во ноември следната година, во своите кампањи остро го напаѓаат Обама за досегашната тактика и политика кон терористичката закана, а подршката што ја добиваат само го открива нездоволството и стравот пред тероризмот.

Сенаторот од Флорида Марко Рубио порача дека претседателот Обама не гарантира сигурност за граѓаните, додека поранешниот сенатор Џеб Буш му порача на актуелниот претседател дека САД „мора да ја уништат ИД, пред таа да ја уништат Америка„.

Незадоволство, иако притаено, има и кај демократските гласачи кои прифаќаат дека ништо не остана од ветувањата на Обама од пред изборите во 2008 година и неговата победа обезбедена само врз анти-Буш водената кампања.