МНР: Амбасадорот Димитров се повлекува од дипломатијата

Министерството за надворешни работи потврди дека амбасадорот на земјава во Холандија, Никола Димитров, по завршувањето на неговиот мандат, ќе се повлече од должноста и од Министерството по негово лично барање.

„Мандатот на сегашниот Амбасадор во кралството Холандија истекува на крајот на март, 2014 година. Во рамките на четиригодишниот период неговиот ангажман во Хаг беше ставен во функција на поставените цели и согласно капацитетите. Од мината година прифати продолжување на професионалниот ангажман за што беше поднесено барање за акредитиција. Во меѓувреме, се одлучил за друга работна понуда во Холандија во период додека ја извршува функцијата амбасадор во истата и согласно личните приоритети одлучува да ја прифати таа понуда“, соопшти за медиумите Никола Ѓорчев, од канцеларијата за односи со јавност на МНР.

Тој посочува дека МНР ќе ја почитува неговата одлука и му посакуваме личен успех на овој план на Димитров.

„Република Македонија ќе продолжи со зголемен елан да ја унапредува соработката со Кралството Холандија“, стои подолу во соопштението.

Димитров во пишаната изјава, најави „повлекување од системот“, по завршувањето на амбасадорската должност и ангажман во Хашкиот институт за глобална правда, каде меѓу другото, вели, ќе работи на промоција на демократијата, владеењето на правото и европската и евроатлантската интеграција на државите од Југоисточна Европа.

„Тргнувајќи, пред се, од чувството на лична одговорност и убеденоста дека можам да придонесам повеќе, а со оглед на околностите и просторот за делување, по речиси 18 години работа, одлучив да се повлечам од системот по завршувањето на должноста во Холандија, на 31 март 2014 година“, вели Димитров.

Никола Димитров беше заменик министер за надворешни работи, советник на претседателот на Република Македонија за национална безбедност. Во својата дипломатска кариера беше и амбасадор во Вашингтон, специјален пратеник во разговорите за надминување на разликата околу името, национален координатор за НАТО, како и ко-застапник на Република Македонија пред Меѓународниот суд на правдата и амбасадор во Хаг.