МНР: Македонскиот јазик е реалност официјално признаена и во Атина

Македонскиот јазик е реалност официјално препознаена дури и во Атина, како од периодот пред и помеѓу светските војни, така и во рамки на третата конференција за стандардизација на географски имиња, одржана во Атина во 1977 година, се вели во соопштението на МНР како реакција на ставовите кои ги изнесе грчкиот премиер Антонис Самарас во Брисел.

Во соопштението на МНР се вели дека не е добро политичар од земја членка на ЕУ да руши столбови на владеење на правото и демократските принципи, како што не е добро ниту да се игнорираат пресуди на Меѓународниот суд на правдата кои се однесуваат на кршење на меѓународното право.

Најмалку пак е добро, стои во соопштението, да се потикнува нетолерантност кон разликите преку манипулирачки изјави за непризнавање на посебности на држави, етникуми, јазици и идентитети;

На крајот од истото се вели дека несоодветно е политичар кој инсистира на солидарност во финансиски контекст, да подзаборава на иста солидарност во демократски контекст, во што секако спаѓа и почитувањето на посебностите и основните човекови права.